Васил Рингов беше меѓу малкумината кој застана пред говорницата во преполната сала за да каже некоја пикантеријата од времето кога раструраа заедно со Панчев, дуото пред кое во 80-те капитулираа дури и големите Ѕвезда, Партизан, Хајдук, Динамо...
За Вардар играше во три наврати, прво во периодот 1977-1983, потоа 1983-1986 и во шампионската сезона 1986-1987, а беше член и на Партизан, Динамо Загреб, Тетекст и во германскиот второлигаш Ајнтрахт Брауншвајг.
Легендарниот Рингов играше во среден ред, ама имаше офанзивни задачи и затоа има 93 гола на 200 меча за Вардар. Зборуваме за играч кој е десет години постар од Панчев и кој му намести еден куп голови на Градски.
Популарниот Васе ги редеше приказните од нивните славни времиња набрзина една по друга, а публиката уживаше и се смееше на глас.
„Дарко живееше на мојата улица во Кисела Вода, тоа е „Пушкинова“. Првото возење од тренинг како кадет ме замоли, ама дрско и безобразно, па го возев до Кисела Вода.
Првата кагва, првиот шамар, пардон, бевме цимери во Банско, му го залепи тренерот Вукашин Вишњевац.
Првата гужва беше во хотел Парк во Охрид кога изгоре теписонот во собата на Дарко. Вишњевац го нападна затоа што пушел, а јас го убедував дека Дарко не пуши.
Потоа, во Букурешт бевме цимери, Дарко многу сака да пее, знае илјада песни, а мојата омилена е Зажмури од Бајага. Гасам светло на полноќ, Дарко почнува да ја пее песната, јас велам браво Даре. И на врата ни тропа Вишњевац. Каде е Дарко? Пуши цигара во тоалет“.
И на крај поентираше јако:
„Да скратам. На Црвена Ѕвезда ѝ дадовме еден убав фудбалер кој знае песни. Станавте европски и светски прваци со него. Знам дека е доцна, ама да се пошегувам, требаше да ни дадете дел од премијата“.
Фотографии од промоцијата на документарецот „Патот на Кобра до ѕвездите“