Спортклуб, Спорт Нетворк Продукција од Србија и Спортско радио 90.3 спакуваа документарец во нешто повеќе од еден час, како вовед за серијалот на Дарко Панчев од шест епизоди кои ќе се емитуваат на српската регионалната телевизија во септември.
Во документарецот кој синоќа беше премиерно прикажан, зборуваат многу славни фудбалски имиња од Македонија и регионот, спортски новинари, луѓе од јавниот живот па сè до другари на Панчев од детството со кои местеле камења како стативи.
Голем дел од нив беа и гости на промоцијата, а во прв ред седеа дел од легендите на Црвена Ѕвезда со кои Панчев ја освои незаборавната европска титула во Бари 1991, како Дејан Савичевиќ, Илија Најдоски, голманот Стеван Стојановиќ, бекот Слободан Маровиќ и напаѓачот Драгиша Биниќ.
Дојден беше и Драган Стојковиќ Пикси кој во тоа финале им беше противник и го носеше дресот на Олимпик Марсеј за кој потпиша една година претходно, како и Горан Стевановиќ од Партизан.
На промоцијата беа и ред други клупски и репрезентативни соиграчи на Кобра, како легендарните Кочо Димитровски, Васил Рингов, Ѓоре Јовановски, Томче Трајановски, Драган Канатларовски, Вујадин Станојновиќ, Бошко Ѓуровски. Беше и неговиот поранешен тренер Методија Спасовски.
Меѓу останатите во публика можеа да се забележат и селекторот на Македонија, Благоја Милевски, претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини, претседателот на МОК, Васил Тупурковски, златниот олимписки шампион Шабан Трстена, Пепи Манасков, Панче Ќумбев, Џаро...
Инаку филмот е работен неколку месеци и собран е 200 часа материјал снимен на повеќе локации во Скопје и Македонија, но и во Белград, Загреб, Сараево, Подгорица, Букурешт, Крушевац, Смедерево...