Гронинген е најголем град во северна Холандија но малкумина слушнале за него. Овој студентски град не е баш популарен меѓу фудбалските навивачи, иако локалниот клуб има солидни резултати низ историјата.
Академијата на Гронинген на светот му подари неколку врвни играчи како Арјен Робен, Вирџил Ван Дајк и Роналд Куман.
Последниов беше нестандарден бек затоа што често имаше излети во напад. Моќно шутираше слободни удари и во клупската кариера постигнал дури 193 гола што за бек е невообичаено. Од матичниот Гронинген премина во ПСВ Ајндховен како Робен неколку години подоцна, па направи голема кариера.
Кога во 1987 година потпретседателот на Барселона му понудил на Куман да дојде во Каталонија, Роналд побарал една година.
„Седевме во лоби на хотел во Ајндховен и тој ме праша: Сакаш ли да станеш наш играч? Јас бев искрен: „Фала, тоа е одлична идеја стварно, но јас би останал на уште една сезона во Холандија. Ако вашево прашање важи и за една година, одговорот ќе биде да“.
Откако поминала една година, Куман се слушнал со легендарниот Јохан Кројф.
„На крајот на 1988-ма ми заѕвони Кројф. Кога реков „на крај на година“ не преувеличив. Тоа беше последен ден од годината 31 декември. Седев на гости кај родителите на жена ми на вечера. Јохан беше во Мадрид заедно со Барселона, на 1-ви јануари играа против Атлетико Мадрид. Не очекував да ми ѕвони. Ми рече: „Роналд овде е Јохан. Сакам да играш за мене, сега ми требаш. Ќе дојдеш?“
И Куман не можел да одбие повик од најголемата легенда на Холандија во историјата, но дошол во Барселона дури после шест месеци - во летото 1989-та.
На почеток во Барселона не играл баш сјајно, затоа што Кројф го ставал Роналд во среден ред каде Куман се губел. После еден натпревар жестоко се скарале за позицијата на теренот. Но јавно, Кројф секогаш го бранел Куман од критики и напади кои го следеле во првите месеци во Барса.
„Се сеќавам на ужасниот меч на почеток на сезоната против Мајорка, на гости, пеколна горештина. Позади мене десен бек играше Лопез Рекарте. Сите негови додавања летеа над мојата глава. Се молев: „Те молам дај ми еден нормален пас!“.
После тој меч му реков на тренерот: „Јохан, кој ѓавол ме донесе од ПСВ ако сега ме играш во среден ред?“. Дента играв катастрофално. Изгубивме 1:0 а Кројф изненади на прес-конференцијата: „Денес најдобар играч беше Роналд. Сите други просто не знаат какви топки треба да му даваат, не ја сфаќаат неговата игра“. Јас не им верував на своите уши.
Подоцна Кројф конечно го ставил Куман на неговата природна позиција, во одбрана. Од тој момент почна блескавата кариера на Роналд кој стана една од најголемите ѕвезди на Барса во '90-те години. Токму Куман им го подари на Каталонците првиот пехар во Лига на шампиони (тогашен Куп на европски шампиони/КЕШ).
Круна на неговата кариера беше слободниот удар во финалето против Сампдорија. Тој гол важи за најбитен во неговата кариера:
„Од каде имав таков шут? Научив од татко ми и после го тренирав тој шут во текот на целата своја фудбалска кариера“, вели Куман.
За тоа каков топ во ногата имал Холанѓанецот еднаш раскажал и Андони Зубизарета, култен голман и капитен на Барса од '90-те:
„Ништо не можам да правам со неговиот шут, го гледам само во моментот на удар и полетот на топката но не можам да ја одбијам, толку брзо оди“.
Односот на Куман со Кројф не се ограничувал само на терен. Историјата со раѓањето на синот на Куман е доказ за тоа и можеби сценарио за филм.
„До ден-денес се сеќавам на тој ден кога жена ми Бартина го роди син ми Тим. Ние игравме во Сан Себастијан (Реал Сосиедад).
Дадов гол а Јохан после мечот ништо не ми кажа, побара само кола од луѓето од клубот за заедно да се вратиме брзо во Барселона. Екипата остана да преноќи во хотел, а Куман ме однесе во кола и рече: „Имаме причина што брзаме, така ли? И брзавме за на време да го видиме раѓањето на Тим. Не ги заборавам тие кривини и опасни провалии во Памлона. Дури седум часа возевме брзо за во шест сабајле да бидеме на место. Ако не беше тој никогаш немаше да стигнам на време кај Бартина (жена му). Тоа беше неверојатен гест на Кројф“.
Во 2017 година, тогаш како искусен тренер на Евертон, Роналд Куман напиша дека му фали легендарниот Кројф кој почна една година претходно од рак.
„Една година. Уште жалиме по тебе“, напиша Куман на својот Твитер профил.