Ако цела сезона нема живо пиле на трибини, премиерлигашите може да изгубат 586 милиони фунти

Англија а и целиот свет се спремаат за (веќе никој не знае точно) втор ли трет бран, па премиерот на Велика Британија Борис Џонсон објави дека навивачи на трибините нема да има од 1. октомври „па до никој не знае кога“.

Барања за фудбал со гледачи на стадионите, покрај од клубовите, најмногу има и од пабови и ресторани.

Економскиот блогер Киран О'Конор кој го води неверојатниот твитер налог Swiss Ramble кој се занимава со прецизни финансиски пресметки, ја проанализирал потенцијалната загуба на клубовите ако нема навивачи (проценка до декември, до март и до крајот на сезоната).

Првото (најмалку реално сценарио) би имало соодветно и најмалку финансиски загуби.

Во моментов анализата може да се потпре само на податоците од приходите од сезоната 2018/2019 (податоци за приходи од 2019/2020 уште нема).

НАЈГОЛЕМИ УДАРИ БИ МОЖЕЛЕ ДА ПРЕТРПАТ МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД И АРСЕНАЛ

Во сезоната 2018/2019 кога уште се играше со гледачи, најголем просечен приход од денот на натпреварот имал Ман. Јунајтед - 4,3 милиони фунти. Арсенал и Ливерпул по 3,2 милиони фунти а во ТОП6 се уште и Тотенхем (3 милиони фунти), Челси (2,1 милион фунти) и Манчестер Сити (2 милиони фунти). „Најмалку“ заработил Барнли (0,3 милиони фунти) и клубовите од Чемпионшип.

Интересно, Арсенал во 2018/2019 бил најпрофитабилен клуб кога во прашање е match day.

Во ова се пресметани сите приходи од продадени влезници, артикли во фан-шопови, спонзори, пијалаци и многу други ставки кои на клубовите им носат пари.

Ако кризава продолжи и до крајот на март не пуштаат навивачи на стадионите, општите загуби на клубовите ќе достигнат 451 милион фунти. Најмногу од сите би настрадал Манчестер Јунајтед со 72 милиони фунти евентуална загуба.

Арсенал и Ливерпул до март би можеле да загубат по 55 милиони фунти ако се игра без гледачи, Тотенхем на Мурињо 54 милиони фунти, Челси 37 милиони фунти, а Манчестер Сити 35 милиони фунти. Останатите клубови би загубиле многу помалку, речиси двојно помалку.

Дури и со учество во понатамошни рунди од Куп натпреварите кои носат загарантирани пари, овојпат без публика клубовите кои одат понатаму во следна фаза на Куп, би имале поголеми загуби.

ПАРА НА ПАРА ОДИ

Ако без навивачи се игра цела сезона 2020/2021 која веќе почна без публика поради глобалната пандемија, тоа се уште 135 милиони фунти загуба за цела лига (вкупно 586 милиони).

Најмногу штета би претрпел Манчестер Јунајтед (94 милиони фунти), Ливерпул и Арсенал по 71 милион фунти, Тотенхем 69 милиони фунти, Челси 48 милиони фунти, Манчестер Сити 45 милиони фунти.

Ако притоа се повтори сезоната 2018/2019 кога сериозен број англиски клубови стигнаа во поодминати фази од еврокуповите, тогаш општите загуби се проценети на 837 милиони фунти што е веќе во домен на астрономија (под претпоставка до крај на сезона да нема живо пиле на трибините).

При рестартот на сезоната во еврокуповите по паузата поради глобалната пандемија, Манчестер Јунајтед изгубил 30 милиони фунти, Сити 16 милиони фунти, Тотенхем 15 милиони фунти, Ливерпул и Арсенал по 13 милиони фунти, а Челси 8 милиони фунти.

Треба да се има предвид и дека клубовите добиваат прилично убави пари од продажба на реквизити на денот на мечот но тие одат во ставката на комерцијални приходи а не во match-day приходи, така што ова ќе биде уште еден удар особено за помалите клубови.

Освен тоа, постои веројатност носителите на тв права да бараат делумна компензација за натпреварите без гледачи затоа што отсуството на навивачи влијае и на нивниот производ (да бидеме искрени, тешко е да се гледа фудбал без навивачи).