10 римски дербија од историјата

Кам бекот на Ди Канио по 16 години, четирите голови на Монтела, смртта на Винченцо Папарели, скандалозниот прекин, првото историско финале во купот. За дуелот меѓу Рома и Лацио кој ќе го гледате во недела има многу да се раскажува. 

Не се одигра 11 сезони бидејќи Лацио играше во Серија Б (1961/62, 1962/63, 1967/68, 1968/69, 1971/72, 1980/81, 1981/82, 1982/83/, 1985/86, 1986/87/,1987/88) и еднаш бидејќи Рома беше второлигаш 1951/52.

Лацио – Рома 0:1 (1929 година)

Година во која стартуваше ерата на денес популарната Серија А. Првото дерби се одигра на Стадио дела Рондинела, а домаќинот Лацио загуби од новоформираната Рома која се оформи две години претходно. Голот го постигна еден од најдобрите напаѓачи во нивната историја, Родолво Волк.

Рома – Лацио 5:0 (1933)

Рекордна победа во градското дерби. Се играше на Кампо Тестачо, славниот стадион на кој Рома има поминато многу успешни години. Во таа прилика Ернесто Томази го постигнал првиот хет-трик на овој меч.

Лацио – Рома 3:3 (1934)

Во истата сезона Лацио успеа да го направи најголемиот кам бек во историјата на овие дерби пресметки и од 0:3, да израмни на 3:3. По трите гола на Томази, со иста мера на реваншот возврати Алехандро Демариа.

Лацио – Рома 1:1 (1979)

28 октомври 1979 година е црн ден за римското дерби и воопшто за италијанскиот фудбал. Додека 33 годишниот навивач на Лацио, Винченцо Папарели јадел сендвич и чекал да започне мечот, бил погоден со проектил во око. Навивачот починал по само неколку минути, а проектилот бил испукан од Курва Суд, трибината каде што се сместени Романистите.

Рома – Лацио 2:0 (1994)

На 28 мај 1994 година големите ривали одиграле пријателски меч, а тоа било 16-ти во историјата. Екипата на Рома славела со 2:0, а пријателските мечеви помеѓу овие две екипи најмногу се практикувале во 50-те и 60-те.

Четири победи во низа на Лацио 1997/1998

Пред историскиот датум 26 мај 2013-та, навивачите на Лацио уживаа во четири едно по друго славја во иста сезона. Во Серија А Лацио триумфираше во двата меча со 3:1 и 2:0, а го добија и двобојот во италијанскиот куп со 4:1 и 2:1. Пред првото дерби, Зденек Земан кој премина од Лацио во Рома изјави дека дербито е меч како сите други. Но тоа и донесе лоша среќа на Рома.

Рома – Лацио 5:1 (2002)

10 март 2002 година е едно од најболните дербија за Лацио и можеби најлошиот настап на Алесандро Неста во синиот дрес. Ѕвезда на вечерта беше Винченцо Монтела кој стана првиот играч кој успеал да постигне 4 голови во римското дерби. Останатите голови беа дело на Тоти и Станковиќ.

Лацио – Рома 1:1 (2004)

Пред 10 години главни актери на римското дерби беа навивачките групи на двете екипи кои скандираа мечот да биде прекинат. Водачите на навивачките групи побараа од Франческо Тоти дуелот веднаш да биде прекинат бидејќи пред стадионот полициско возило згазило дете. Мечот беше прекинат и беше презакажан за друг ден, а ултрасите излажаа за случајот и сакаа само да ја докажат моќта врз италијанскиот фудбал.

Лацио – Рома 3:1 (2005)

Датумот 6 јануари 2005 е еден од омилените на Бјанкочелестите. По 16 години пауза на римското дерби се појави нивниот миленик Паоло Ди Канио. Сонот си го оствари со гол и победа, како реприза на 1989 година, а другите два гола за Лацио ги постигнаа Цезар и Роки. Ди Канио немаше крај од славење и беше обвинуван дека навивачите на Лацио ги поздравил со нацистички гест.

Рома – Лацио 0:1 (2013)

За прв пат во историјата, ривалството на римските клубови се префрли во финалето од купот на Италија. Победата не значеше само пехар, туку и директен пласман во Лига Европа. Слаткиот триумф и огромното славје го почувствуваа Лацијалите, благодарение на голот на Сенад Лулиќ во 71 минута.

9 јануари 2015 - 18:11