Лесно е да се заборави, сега веќе кога значењето се изгуби, дека „откажување“ (кансел) е шега за телевизија - откажуваш човек од твојот живот исто како телевизиска мрежа што откажува неуспешна серија од распоред.
Минатата година откажувањето полека влезе на филм - во језивиот „Варварин“, Џастин Лонг го глуми Еј Џеј Гилбрајд, чија кариера пропаѓа откако колешка ќе го обвини за сексуален напад. Потоа, егоманијачната Лидија Тар во „Тар“ исто така паѓа од тронот откако нејзина „ученичка“ ќе се самоубие, што ќе ја разоткрие дека барала сексуални услуги од млади жени. Ја имаме и Кејт Хадсон во „Кромид од стакло“, медиумски инфлуенсер без работа поради инцидент со блекфејс. Во секој случај, излегува дека ликови во процедура на откажување се одличен материјал за филм.
Дел од привлечноста на канселот, не како феномен на социјалните мрежи или некаков знак на генерациска поделба, туку самиот по себе како спектакл, е дека нуди поинаков агол на она што значи „селебрити“. Во децении кинематографија, добиваме разгледи на тоа како е полека да избледи славата, или како изгледа кога ја тестира скандал. Но, да те исфрлат од редовите на битните, како Луцифер што бил исфрлен од рајот и вртоглаво да се струполиш и да треснеш? Таа наглост е ефект на дигиталната ера и иако сме имале многу можности да бидеме сведоци на овој процес во реалноста - да се види во фикција е неочекувано фасцинантно. Овие ликови не се менуваат и не растат како што нè учеле да очекуваме - всушност, овие филмови флертуваат со потенцијалот за искупување, но сепак не ни го даваат. Светот е променет и тие се во паника поради однесувања кои до скоро би поминале незабележани од јавноста.
Сега е време на блескава сатира за богатите - „Бел лотос“, „Менито“, „Триагоник на тагата“. Иако овие комедии за богатство и одвратност нудат можност да уживаш во луксуз од втора рака, притоа потсмевајќи им се на тие со првата рака, има еден дефетизам што се провлекува низ нив, едно признавање дека, освен ако Господ не се замеша, или не дојде апокалиптично насилство, нема шанси да се дојде до тие луѓе или да се нарушат нивните структури. Од друга страна, ликовите на спомнатите филмови погоре не се недопирливи. Џабе се богати, кога на парите не им е гајле дали некој те презира. Злоделата што ги прават се случуваат оф-скрин и тоа помага да можат да бидат комедии, но вината протекува по краевите. Лидија ја сонува младата девојка што ја злоупотребува па ја отфрла, Еј Џеј не е сигурен во убедувањето дека „нема везе“. Природно е да сакаме да ги разбереме секојдневните чудовишта што често ги среќаваме во понегламурозна форма, за да ги процесираме во фикција. Но, запамтливото во овие филмови, она што се провлече и во културолошкиот дискурс е истовремено и потсетник колку може да е полесно да се раскажат приказните на насилниците, отколку на нивните жртви. „Таа рече“ е драма за излегувањето на приказната на Харви Вајнстин, а како да беше и прерано и предоцна излезена. Подобар филм за МиТу е „Жени зборуваат“ на Сара Поли, но се случуваше во изолирана менонитска колонија чии жители беа толку далеку од Холивуд, што можеа и на месечината да бидат.
И покрај тоа, тешките дебати што се отсликани за она што се прави пред систематската злоуптреба ќе ги види само дел од публиката. И тие филмови ја кријат злоупотребата, иако во нивниот случај, причината е што сакаат во центар да ги стават ликовите што ја преживуваат. Уште ни е тазе учењето како да ги раскажуваме овие приказни, како да го процесираме прикривањето на ваквите дела и несовршеното собирање правда за да се справиме. Од друга страна, ветувањето дека ќе можеш барем да се ситиш е далеку подиректна понуда.
-Алисон Вилмор, Vulture