На денот кога го гледавме „Менито“, новиот филм на Majкл Мajлод (најпознат по режирање на неколку епизоди од Game of Thrones и Succession), ја прочитавме следнава вест: Њујорчанец го соборил Гинисовиот рекорд со тоа што јадел во 18 ресторани со Мишелин ѕвездички во 24 часа. „Ова беше одлична комбинација на мојата желба да пробувам интересна храна, да штиклирам нешта на списоци и да се обидувам да постигнам нешто глупаво“, изјавил тој. Ваквиот потфат го чинел 494 долари (без бакшиши) а тој ден внел 5000 калории.
Да влегол во тие 24 часа во ресторанот на шефот Џулијан Словик, ваквата статистика не би била единствената со којашто ќе можел да се пофали (под услов да го преживеел искуството), а истото би чинело и многу повеќе. Хаторн е лоциран на приватен остров, а вечерата во него е 1250 долари по човек, со претходна резервација. Како што обично бива во вакви трилер-мистерии, на бротчето кое поаѓа од неименувана локација се качува шарена дружина. Меѓу нив група млади бизнисмени; некогаш славен актер и неговата асистентка; позната критичарка за храна и нејзиниот уредник; богат повозрасен пар и единствениот човек кој знае нешто за готвење, опседнат со Словик, кој е на бродот со својата цинична и сосема неимпресионирана партнерка.
Ресторанот, и покрај својот беспрекорен дизајн и минуциозно подготвените предјадења, многу бргу заличува на воена касарна. Шефот Словик (Ралф Фајнс) го има и првиот и последниот збор, како зен-мајстор го означува сервирањето на нов оброк со силен удар на дланките, а неговите готвачи и личната асистентка изгледаат повеќе како роботи кои се обучени да нахранат, но по потреба и да убијат. И покрај инсистирањето дека гостите треба да „уживаат“ и да не јадат туку да „вкусуваат“, ова е тешко да се постигне кога тие сфаќаат дека овој пат менито содржи неочекувани ставки. Залажувајќи се дека и тоа е дел од концептот, а не е „реално“, тие ги игнорираат раните предупредувачки знаци, а истовремено не смогнуваат сили да се самоорганизираат против домаќинот-диктатор.
Причините за ваквото однесување на шефот не се сосема јасни, освен дека имал детство одбележано со семејно насилство и дека (можеби) се чувствува виновен за малтретирања, тип сексуални, кои ги вршел самиот. Катарзичното искуство на „последната вечера“ како да е наменето лично за него, но во пакет влегуваат и внимателно одбрани луѓе со широка лепеза гревови, од кои најголемиот е - немањето чувство за квалитет, што му ја згаснало страста за професијата.
„Цели единаесет пати си бил на моите вечери, некој би бил среќен да можел да дојде само еднаш. Кажи ми име на барем едно јадење што го памтиш“, му вели тој на највозрасниот гостин, кој му возвраќа со поглед на динстано теле. Актерот помеѓу гостите е виновен што со лошата игра во некогашен негов хит залудно му потрошил на презафатениот готвач два часа од едно неделно попладне, кои можел да ги употреби поинаку. Младите бизнисмени се збогатиле со финансиски измами и мислат дека тоа им дава за право да бараат преку леб-погача. А оној пак што мислеше дека се разбира во сите фенси-шменси начини на подготвување храна, кога му се дава шанса да зготви нешто за собирот, нуди недопечено јагнешко со крупно сечен праз.
Единствена која успева некако да му се приближи и барем за миг да му ја врати радоста на готвењето е Марго, циничната гостинка, која по редот на нештата и не требало да биде на списокот (доаѓа како замена). Она што ја спасува е искреноста и непретенциозноста, како и храброста да се спротивстави. Таа е истовремено и единствената што нема да го дочека десертот, а со тоа и големото финале на гастрономската и концептуална приказна.
При дизајнирањето на оброците во филмот е консултирана шеф Доминик Крен, единствената жена-шеф во САД која има добиено три Мишелин ѕвездички за својот ресторан во Сан Франциско. Нејзините креации во филмот се метафорични и предзнаци на она што следи во приказната. Едно од предјадењата е послужено на карпа на чиј врв има замрзната морска вода и алги, и според зборовите на присутната критичарка евоцира „таласична“ атмосфера. Навидум тоа е пресликување на островската околина, но според зборовите на Крен, „кога си на врв на карпа имаш убав поглед на околната убавина, но од таму можеш и да паднеш“. Ралф Фајнс поминал доста време со неа за да се подготви за улогата, не за да научи да готви туку да разбере што значи да се биде шеф, што понекогаш - во име на квалитетот - значи да се биде тиранин.
Илина, Букбокс