Четири години подоцна, повторно работат заедно на The Sting, но сепак главно нивното пријателство се развивало подалеку од камерите. Станале комшии во Конектикат, оддалечени само некој километар, се дружеле со семејствата, а децата на Њумен го викале Редфорд „чичко Боби“.
И страста за автомобилите им била заедничка - купувале идентични Поршеа и се тркале на автопатот Пацифик Коуст. За 50-от роденден на Њумен, Редфорд му испратил старо Порше, кое Њумен подоцна му го вратил како стиснат метален блок, па на крај завршил како украс кај Редфорд во двор.
Не било само мајтап и комшилук - се поддржувале финансиски и во лични проекти. Редфорд ја насочил својата енергија кон независните филмови преку Институтот и фестивалот „Санденс“, а Њумен го основа Newman’s Own, чија добивка за добротворни цели надминува 600 милиони долари; а и летниот камп Hole in the Wall Gang за деца со хронични болести. Кога се појавуваа заедно на настани, си даваа предизвици и се поддржуваа со искрена смисла за хумор.
По смртта на Њумен од рак на белите дробови во 2008 година, Редфорд рече дека изгубил вистински пријател и дека неговиот живот, и животот на луѓето околу него, биле подобри поради неговото присуство.
Две децении подоцна, со изјавите на колегите на Редфорд, кој почина вчера на 89 години, веројатно може да се заклучи дека и за него важело истото.