Бабите и дедовците со поредовен секс од новите млади

Како за промена, кога се работи за редовен сексуален живот, новите баби и дедовци ги шијат младите од генерацијата З. И не ни се верува дека некогаш претходно било вака. И смешно е, ама не е смешно ич - сексуална криза е.

Ново истражување спроведено во Велика Британија го открива овој неочекуван тренд. Податоците покажуваат дека лицата на возраст од 18 до 26 години во просек водат љубов 36 пати годишно - што е еднаш на десет дена. За споредба, оние на возраст од 61 до 79 години пријавиле просек од 47 пати годишно. Истражувањето е направено преку анкета на компанијата Lovehoney, во која учествувале и миленијалците, генерацијата Х и беби-бумерите.

Највисока „активност“ покажале миленијалците (27 до 43 години), кои имаат секс околу 73 пати годишно - или еднаш на пет дена. Генерацијата Х (44–60 години) се најде на второ место со просек од 62 пати.

Според експертите, намалената сексуална активност кај најмладата генерација е поврзана со тоа што многумина сè уште живеат со своите родители. Минатиот месец беше објавено дека една третина од британските 18-годишници планираат да останат дома за време на студиите - двојно повеќе отколку пред 20 години.

„Младите често се чувствуваат непријатно да бидат интимни кога живеат со родителите,“ изјавила портпаролка на Lovehoney, нарекувајќи ја ситуацијата сексуална криза.

Еден 22-годишник објаснил дека финансиската неможност за изнајмување или купување сопствен дом сериозно влијае врз интимниот живот. „Родителите на моите родители се иселиле уште на 18-19 години и имале слобода. Ние ја немаме таа можност,“ вели тој.

Истражувањето доаѓа во пресрет на новата академска година, кога традиционално студентите започнуваат со излегувања и алкохол. Но, дел од универзитетите минатата година наместо тоа организирале потрезни настани: здружувања со хумус, вечери во спа-центар или креативни работилници.

Иако просечниот Британец и натаму има секс повеќе од еднаш неделно, разликите меѓу генерациите отвораат прашања за тоа како економските услови, станбената криза и културните промени го обликуваат интимниот живот на младите.

22 септември 2025 - 10:49