Минатата година беше богата со филмови и серии кои ги сатиризираа, односно критикуваа „валкано богатите“, како „Триаголник на тагата“ или „Менито“. Милијардерите прикажани во ваквите филмови се гадни на повеќе очекувани начини. Тие се себични, ги понижуваат сите оние кои не припаѓаат на нивниот сталеж, со каприциозното и екстремно однесување предизвикуваат хаос околу нив. „Кромид од стакло“ или „Нож в грб 2“ не е стандардно спомнуван во оваа листа, но тој може да биде толкуван и на овој начин.
Филмот излезе на Нетфликс на 23 декември како божикно-новогодишна посластица за оние кои со нетрпение го очекуваа продолжението на првиот дел, во кој се разоткриваше мистеријата за (само)убиството на богат автор на криминалистички романи и конфликтот кој избива помеѓу неговите наследници. Социјалниот јаз и недоверба помеѓу семејството и помошниот персонал во огромната вила беше главна оска околу која се одвиваше дејството, кое на моменти наликуваше на играње на друштвената игра „Клуедо“. Слична атмосфера владее и во вториот дел, кој додуша освен преку главниот лик - детективот Беноа Бланк - не е воопшто поврзан со првиот.
Овој пат приказната се одвива на приватен остров во Грција, каде пребогатиот сопственик на технолошка компанија Алфа, Мајлс Брон (Едвард Нортон), со креативно дизајнирани мистериозни покани, ги повикува најблиските пријатели на малку опуштање и забава во текот на пандемијата од 2020. Тие се во најмала рака шарено друштво кое има само еден НЗС - фактот дека се напојуваат од „златната цицка“ на Брон. Американска сенаторка, контроверзна модна дизајнерка, црн научник, мускулест јутјубер за машки права и неговата девојка, но и ко-основачката на Алфа, која во меѓувреме била избркана од фирмата.
Малку е да се каже дека Брон живее во замок - тој ги пречекува свирејќи на акустична гитара која му припаѓала на Пол Макартни, куферите на гостите ги носи куче-робот (или можеби магаренце?), оригинален Матис е закачен во ВЦ-то, а во огромната дневна виси ни помалку ни повеќе оригиналната Мона Лиза. „На Лувр во оваа криза му требаа пари, па ја позајмив“, вели ноншалантно, како од Франција да добил камион багети. Екстравагантен е и неговиот план како да се помине викендот - разрешувајќи ја мистеријата за неговото лажно убиство. Кога Беноа брзопотезно ќе ја расипе забавата откривајќи го исто така лажниот убиец, почнува вистинскиот заплет, и вистинските убиства.
Без завлегување во спојлери, филмот во сета своја помпезност е можеби полош од претходниот (кој беше поминималистички, а поефектен), но има добри поенти. И покрај тоа што милијардерот живее на нешто што изгледа како пуст остров, без мобилен туку само со факс машина, тоа не значи дека неговите пари не го вршат посакуваното влијание. „Пријателите“ доброволно стануваат негова „маша“ - до тој степен што неговото фантомско присуство се чувствува дури и кога тој е изолиран на два часа од најблиското пристаниште на Егејското море. „Пишашита“ - вели капетанот на бротчето кој ги носи гостите до островот, а тие мислат дека тоа е неговото име на грчки. Она што тој всушност го вели е: „пис оф шит“. Островот е така дизајниран што оди контра сите поморски и физички закони на плимата и осеката, па половина од времето е недостапен.
Ова е уште еден чекор понапред од претходниот филм - богатите не се само суетни и злобни, тие се и глупи! И покрај тоа што Брон во јавноста важи за гениј, сите негови „изуми“ се всушност нарачани и направени од луѓе за чии имиња не знаеме, а и неговите деловни потези често не само што се лошо испланирани туку завлегуваат во матни води - со хеланки произведени со детски труд во Бангладеш или извор на енергија кој ја загадува атмосферата. И сето ова не би било толку страшно доколку се сведува на растот или падот на богатството на еден човек - овие луѓе влијаат врз светската економија, формирањето на вкусот и воопшто на светогледот на милиони. Иако не се спомнуваат конкретни имиња, филмот може да се толкува како алегорија, за нас кои живееме во добата на омниприсутните Елон Маск, Доналд Трамп, Џеф Безос и уште куп други чии секојдневни потези одлучуваат за судбината на берзите, корисниците на производите, вработените. И кои по пат не се мислат два пати кога некого треба да елиминираат.
ПС. Обрнете внимание на камео појавувањата на неколку славни фаци.