Но Gen Z влегува во зрелоста во сосема поинакви услови. Животот е скап, кириите се високи, платите стагнираат, храната е ѓавол ипол и во таков контекст, штедењето за свадба од 20 000 евра не изгледа само тешко, туку и бесмислено. Особено ако се знае дека миленијалците и понатаму трошат најмногу.
Затоа не чуди што пребарувањата на Гугл за „свадба во матично“ пораснале за 5.000 проценти во САД, а речиси 30% од паровите се одлучуваат за мали, интимни церемонии наместо големи веселби. Наместо спектакл за публиката, новата генерација ја избира суштината - партнерството.
Современите свадби изгледаат вака: 10 до 50 гости, граѓанска церемонија, половен фустан, букети од хартија, дигитални покани, вторник наместо сабота, и креатор на содржини наместо традиционален фотограф. Наместо режирана фото-сесија, денот се бележи со природни, документарни снимки. Се избегнува непотребен трошок и отпад, а приватноста станува новата луксузна категорија.
Историјата покажува дека ова не е нов феномен. Во време на Големата депресија или по Втората светска војна, свадбите биле скромни, често во кујни и судници, со домашни колачи и позајмени костуми. И не биле ништо помалку значајни - само поусогласени со времето во кое се случувале. Денес имаме нова генерација што штотуку почнува да живее, а веќе живее со хронична финансиска несигурност, па скромноста повторно станува рационален избор.
Ова не значи дека големите свадби треба да исчезнат. Има магија и во кули од шампањ-чаша, а снимки со дрон стварно изгледаат убаво. Само - просто не е веќе стандард. Новото мерило не е спектаклот, туку искреноста: ако голема свадба ве радува - одлично. Ако не, и тоа е во ред. За новиве деца, одбивањето да се учествува во спектаклот е токму поентата на целата работа.