Годинава, Оскарите се хаос, почнувајќи од скандалот со една од номинираните актерки, па потоа уште еден скандал со филмови што користеле вештачка интелигенција, плус многу трач за тоа кој ги вади овие работи на површина.
Уште една тема е „измамата во категории“ - феноменот каде што актери се номинирани во категории каде што не припаѓаат баш. Киран Калкин и Зои Салдана се номинирани за споредни улоги, и публиката не се согласува.
Реално, обвинувањата не се вистинска измама, никој не го вика тоа - проблемот е во долгогодишната пракса еден од главните актери да се номинира за главна, а друг исто така главен - за споредна, за да им се подобрат шансите. Сите „проблематични“ номинирани имале еднаква задача и обем на работа како и тие што се номинирани за главна улога. Во Wicked, Елфаба и Глинда се еднакво важни, па логично е и Синтија Ериво и Аријана Гранде да се номинирани за главна улога, но не - Ериво е за главна, Гранде е за споредна.
За „Емилија Перез“ е уште поконтроверзно - филмот е поделен на двата лика и Салдана ја има 57 минути и 50 секунди, а Гаскон 52 минути и 21 секунда, а сепак Гаскон е номинирана во категорија главна женска улога.
Најголем проблем на публиката и новинарите им е Киран Калкин во A Real Pain. Режисерот Џеси Ајзенберг се појавува 62 минути и 29 секунди, а Калкин 58 минути и 6 секунди, но филмот е очигледно за односот меѓу двајца роднини што се цело време заедно во кадар, како Телма и Луиз на Сузан Сарандон и Џина Дејвис, кои и двете беа номинирани за главна женска улога во 1992. Сега, Калкин е во категоријата „најдобра споредна улога“.
Официјални правила за ова нема и членовите на Академијата можат да гласаат како сакаат. Позиционирањето е често стратешко за двајцата главни актери да не го делат гласот. На овој начин, Калкин скоро да нема шанси да го изгуби Оскарот, но ако беше номиниран за главна заедно со Адријан Броди, Тимоти Шаламе и Реиф Фајнс, шансите ќе му беа многу помали.