Користењето вештачка интелигенција станува бојно поле за време на сезоната на награди и за најмалку два фаворити се откри дека се користела. Монтажерот на „Бруталист“ кажа дека, во обид да создаде совршен дијалог на унгарски, на кој дури ни родени говорители не би му нашле недостаток, ги ставил гласовите на Адријан Броди и Фелисити Џонс во ВИ-софтвер.
Во филмот, Броди игра унгарски Евреин - архитект, кој емигрира во САД после Втората светска војна, а Џонс е неговата сопруга Ержебет. Сепак, без разлика што мајка му на Броди е исто така унгарска емигрантка, дијалогот на унгарски едноставно „не функционирал“.
Откако се реагираше лошо, официјалната изјава беше дека нивната изведба е комплетно оригинална, дека англискиот не е никако изменет и дека софтвер се користел само за одредени самогласки.
Вештачка интелигенција се спомнува и во „обработката“ на пеењето на Карла Софија Гаскон во „Емилија Перез“, искористена за да ѝ се подобри гласот. Било потребно да се зголеми опсегот на гласот на Гаскон и го искористиле истиот софтвер од „Бруталист“, Respeecher, за да може да се вклопи со пеењето на Камиј, француската поп-ѕвезда која е ко-автор на саундтракот на филмот.
Наспроти ова, од хоророт „Еретик“ со Хју Грант се крајно против ВИ, дури и на крајот е напишано „не е користена генеративна ВИ при изработката на овој филм.“
Режисерот Пол Шредер во пост на Фејсбук откри дека исто така експериментирал со ВИ, користејќи го ЧатГПТ за идеи за филмови. Сподели дека е „запрепастен“, затоа што секоја идеја на роботот била добра. Но, сепак, ова не го кажа во знак на поддршка:
„Зошто сценаристите да чекаат со месеци за добра идеја, кога ВИ ќе им најде за неколку секунди? Луѓето погрешно мислат дека ВИ е технолошки напредок како автомобилот, а всушност е вирус движен од хиперболична кривина.“
Во моментов е тешко да се процени какво влијание ќе имаат овие сознанија во конкуренцијата за Оскарите.