ДЦ Комикс откажа стрип заради коментари на авторката за Чарли Кирк

Гретчен Фелкер-Мартин, авторка на новата спин-оф серија на ДЦ Комикс: Red Hood, на Блускај објави неприкладни коментари за убиството на Чарли Кирк и заработи кансел.

„Се надевам дека на куршумот му е добро по допирот со Чарли Кирк“.

Ова, плус „Мисли и молитви, наци-курво“ доведе до суспензија на нејзината сметка, а ДЦ ја откажа целата серија.

(Патем, серијалот Red Hood, илустриран од Џеф Споукс, требаше да го следи поранешниот Робин, Џејсон Тод, кој го напушта Готам и заминува во измислен град инспириран од Њу Орлеанс, наречен Њу Анжелик.)

Во јуни годинава, Фелкер-Мартин ја опиша приказната како „полнa со пот, крв и барут, скршени коски и контрола на умот“.

ДЦ ја објави одлуката за укинување на 10 септември, на денот кога беше објавено првото издание. Во писмо до трговците, компанијата соопшти дека ги откажува сите нарачки за второто и третото издание, како и сите идни броеви, и дека ќе врати пари за веќе фактурираните примероци од првиот број, дури и ако се веќе продадени. Второто и третото издание првично беа планирани за 2 октомври и 12 ноември 2025 година.

Во изјава ДЦ нагласи дека „ја признава слободата на авторите на мирно и лично изразување на нивните ставови, но објави или коментари што можат да се толкуваат како промовирање непријателство или насилство не се во согласност со стандардите на однесување на компанијата“. Иако не беше директно спомената по име, изјавата потврди дека одлуката е поврзана со објавите на Фелкер-Мартин.

Одлуката предизвика мешани реакции на социјалните мрежи. Дел од фановите се разочарани и сметаат дека е неправедно што проектот е укинат по само еден број, без да ѝ се даде можност на креативната екипа да ја развие приказната.

16 септември 2025 - 11:56