Дождовница може да чини и 10.000 евра

Занесена од документарци кои ги гледала на Јутјуб, Хрватката Ива Ханзен решила не само да се пресели на село, туку и да живее автентичен и самоодржлив живот па одбила да плати за приклучок за вода. На почеток ѝ се чинело романтично да оди до изворот и да се бања во каца за грозје, но на крај се расплакала кога првпат влегла под туш. А нејзиниот натурален сетап ја фатил ѓавол ипол.

„Пред да се преселам на село, опсесивно гледав документарни серии за луѓе што живеат изолиран живот. 90 проценти од нив практикуваа живот надвор од инфраструктурата, самостоен живот без приклучоци на водоводната и електричната мрежа, и тоа ме воодушеви. Производството на сопствена електрична енергија преку соларни панели и собирањето дождовница, во бунар или резервоар, го гледав како решение за сите наши проблеми, бидејќи во идеални услови таков начин на живот носи голема финансиска независност и слобода, а исто така покажува и високо ниво на еколошка свест“, раскажува Ива.

Три години подоцна не мисли баш така. 

Во тој период сфатила дека off-grid животот не само што не е бесплатен туку е и многу скап. За нејзиниот автентичен водоводен систем од дождовница, резервоар во земја, пумпа и филтри за прочистување платила 10.000 евра. А можела да се приклучи на постоечкиот водовод за помалку 1.000 евра.

Башка губење нерви со мајстори.

Сите мајстори успеав да ги најдам после година ипол, што значи дека на почетокот живеев на мојот имот без вода и купатило. Секако, бев свесна во што се впуштам кога купувам имот без вода, но, наивна каква што бев, не помислив дека работата може толку да се одолговлечи. 

Во првите шест месеци ѝ било романтично да оди на изворот за да наполни вода и да се капе во буре за грозје, но после година и пол била толку очајна што се расплакала кога првпат застанала под туш. А и тогаш не било сè сјајно бидејќи мајсторите и го изгубиле механичкиот филтер со јаглен и УВ ламбата која убива бактерии па нејзината дождовница малку непријатно заударала.

Се сеќава дека нејзиниот комшија, дедото Драгец, ја советувал да се приклучи на водовод но таа самоуверено му одговарала:

„Нема јас да бидам ничија будала и да плаќам комуналии, посебно не за вода од чешма што е полна со тешки метали, микропластика, хормони, камења и што и да е. Сакам да бидам слободна!

Ива денес е слободна, само со помалку пари и нерви. 

Тоа не е сè. Подоцна решила сама да прави фасада и добила слом на нерви па морала да го вика бившиот да ја среди работата.

21 мај 2026 - 20:44