Нетфликс ладно ѝ раскина на Карла Софија Гаскон

Откако расчистија со Нил Гејман, од Нетфликс решија дека и со Карла Софија Гаскон им е токсична врската - и тоа баш сега околу Оскарите.

Гаскон требаше периодов да долетува во Калифорнија за да учествува во темелно испланираната кампања за „Емилија Перез“, но после (сега избришаните) твитови со проблематична содржина (против муслимани, против колешката Селена Гомез итн.) ѝ се случува еден уникатен тип на кансел. Сè уште е номинирана, сè уште се промовира филмот, само не ја викаат за да не загазат подлабоко во кал.

Прво, да ги видиме коментарите. Првиот е за Џорџ Флојд:

„Значи, да видиме, некој тип сака да помине со лажна банкнота, откако консумирал метамфетамин, идиот полицаец доаѓа и претерува при апсењето, го убива, ги уништува животите на неговото семејство и колегите и типот со лажната банкнота го претвора во маченик-херој. Мислам дека на многу малку луѓе им беше гајле за Џорџ Флојд, наркоман и измамник, но неговата смрт служи за истакнување дека сè уште има луѓе што ги сметаат црнците за мајмуни без права и такви што ги сметаат полицајците за убијци. Сè погрешно.“

Потоа:

„Извинете, ама дали ми се чини, или има сè повеќе муслимани во Шпанија? Секое одење да ја земам ќерка ми од школо има сè повеќе жени со покриени коси и сукњи до земја. Може догодина наместо англиски ќе треба да учиме арапски.“

И уште едно:

„Додека не забраниме религии што одат против европските вредности и нарушуваат човекови права како исламот, под заштита на слобода на религија, нема да го завршиме големиот проблем со кој се соочуваме. Верата ги манипулира тие што се држат за неа.“

За Оскарите:

„Сè повеќе Оскарите личат на церемонија за независни и протестни филмови, не знаев дека гледам Афро-корејски фестивал, или демонстрација за Црните животи се важат. Освен тоа, ружна, ружна гала.“

И откако ги најдоа сите овие работи, се  извини:

„Како човек од маргинализирана заедница, познато ми е ова страдање многу добро и длабоко се извинувам на тие што ги повредив. Цел живот се борам за подобар свет. Верувам дека светлината ќе го победи мракот.“

На 6 февруари, требаше заедно со режисерот и Селена Гомез и Зои Салдана да оди на настанот на АФИ наградите во Фор Сизонс во Беверли Хилс, каде што се собираат учесниците на 10-те најдобри филмови и серии минатата година.

Наредниот ден треба да се собираат на Критикс Чоис наградите во Санта Моника, каде што ќе биде полно со други номинирани и многу новинари.

Во сабота се наградите на Здружението на режисери и Здружението на продуценти, а „Емилија Перез“ има номинации за двете. Гаскон беше планирана за второто и требаше да биде презентер.

И во недела требаше заедно со други да биде славена како добитник на наградата Виртуозо и интервјуирана посебно, па заедно со другите.

И после масивните контроверзи со твитовите, плус фактот што Гаскон цело време дискутира и дава интервјуа на темата без никаква консултација со Нетфликс, кои пак имаат сериозни пари вложено во промоцијата - нема да оди на ништо од ова. Холивуд Репортер дознава дека се големи тензиите меѓу актерката и Нетфликс бидејќи заради неа, вложениот труд за кој добија 13 номинации (една помалку од рекордот) е на апарати.

Во моментов комуницираат само преку нејзиниот менаџер и Нетфликс нема намера да ги покрие трошоците за патување и сместување за Гаскон. Не е само Нетфликс, и други организатори и учесници дале на знаење дека ако таа не го откаже нејзиното појавување, ќе мораат тие затоа што самото нејзино присуство го доведува настанот во прашање.

Дома, во Шпанија, луѓето не се толку строги - нејзините изјави во Европа не се толку страшни и плус сама може да оди на домашните настани.

Ја тргаат и од комуникацијата со медиуми, во мејлови и реклами за промоција на филмот. Физичките реклами, како билборди се потешки за менаџирање, но веќе ставаат постери или заедно со останатите глумци, или сосема ја тргаат.

Допрва треба да видиме како колегите ќе се однесуваат на сцена кога ќе добиваат награди и на кој начин ќе се справат со нејзиното отсуство.

5 февруари 2025 - 10:35