Offside

Баерн Минхен е шампион на Германија, Интер е речиси на пиадесталот, Барса води со +9, ПСЖ ако го добие заостанатиот меч ќе биде на +4. Најкомпликувано и најнеизвесно е на островот.

Се сеќавате ли на деби голот на Олд Трафорд на 17 годишниот Македа?

Кој би рекол дека ќе налетаме на ваков подзаборавен лик, кој појма немаме каде е и што прави со фудбалската кариера? Денес да му било роденден на Федерико Македа кој полни 34, па по тој повод одиме со неговата мајсторија, а тоа е неговиот деби гол за Манчестер Јунајтед на само 17 години, на додавање на Гигс.

И Рој Кин е од крв и месо

Во подкастот со старото добро друштво од Премиер лигата, Рој Кин пушти солза откако извади слика од родителите пред Вембли. Го тешеше Јан Рајт, кој инаку преклани седеше под нас на стадион на мечот Македонија - Англија.

Србија ја демолираше Словенија, другарска средба на Јокиќ и Дончиќ

Пред повеќе од 20.000 гледачи во белградска „Арена“ во генерална проба пред Европското првенство 2025 кое почнува на 27-ми август, Србија ја развали Словенија 106:71. Во публика беше и тренерот на Мајами Хит Ерик Сполстра кој го гледаше Никола Јовиќ, кошаркарот на Хит кој беше најефикасен стрелец со 18 поени. Богдан Богдановиќ постигна 14 поени, Милутинов 11 а Никола Јокиќ и Вукчевиќ по 10. Кај Словенците Дончиќ уфрли 18 поени.

Комична сцена со картони во МЛС

Играч на Лос Анџелес Галакси го удри в лице својот чувар, за што судијата без размислување извади жолт картон, ама кога ѕирна на списокот дека веќе му дал еден, се пишмани. Уште ова го немавме видено.

Навивачите на Јагелонија скандираа за Чурлинов

Јагелонија го совлада Динамо Тирана со 3:0 во првиот плејоф меч од Конференциската лига. Македонскиот репрезентативец, Дарко Чурлинов, кој е под договор со тимот на Барнли, минатата сезона ја одигра на позајмица во полскиот клуб. Навивачите очигледно го бараат назад.

Еврогол на Шкендија и триумф против бугарски Лудогорец

Шкендија направи огромен успех откако го совлада бугарскиот шампион Лудогорец со 2-1 и тоа после пресврт откако Бугарите поведоа 0-1 со гол на Дерој Дуарте уште во 17' минута. Прво Лиридон Љатифи постигна фантастичен гол од преку 30 метри од слободен удар и тој погодок сигурно ќе конкурира за најубав на колото во Лига Европа. Капитенот на Шкендија Бесарт Ибраими го постигна победничкиот гол во 60' минута за 2-1. Реваншот е следниот четврток во Разград во Бугарија.

Де Хеа пантер

Фиорентина ги реши сите прашања околу пласманот во групна фаза на Конференциска лига откако со 0-3 го совлада дебитантот во еврокупови, Полисја Житомир од Украина. Виолетовите имаат уште и реванш во Фиренца, а меѓу најзаслужните за триумфот беше голманот Давид Де Хеа кој бранеше феноменално.

Како Мухамед Али избегнува 21 удар за само 10 секунди?

Видеово е историја и магија од 1977-ма. Али стои во клинч и не се брани со раце, ама сепак ќе успее да се одбрани. Добро прочитавте, од 21 удар за 10 секунди, не прими ниту еден. Неверојатно.

Страшна една минутна компилација со Џерард и Торес

Нема навивач на Ливерпул кој не уживаше во дуото Торес - Џерард. Играа заедно помеѓу 2007 и 2011 година и беа кошмари на противниците. Во тој период постигнаа 81 гол (Торес 52, Џерард 29) со стапка од 1,13 гола на 90 минути. Клипот на кој налетавме е лудница.

Како ослабнал Дончиќ?

Суперѕвездата на ЛА Лејкерс се спрема за ново Европско првенство каде ќе ја предводи Словенија со која во 2017-та стигна до златниот медал исто на континентален собир. Во само неколку месеци сега изгубил 14 килограми и ја воодушеви јавноста со изгледот. А како стигнал до тоа кажуваат луѓето кои го тренираат секојдневно и водат грижа за неговата физичка состојба.

Знаете дека жолт картон за соблечен дрес е поради Диего Форлан?

Во 2002 година Диего Форлан дава гол против Саутемптон во Премиер лига. Го слави така што го соблака и мавта дресот пред навивачите. После неколку минути не може да го облече повторно, натпреварот продолжува а Уругваецот од Манчестер Јунајтед трча без дрес. Од тогаш ФИФА реши во 2004-та поради овој случај да го донесе правилото за задолжителен жолт картон за соблечен дрес при прослава на гол.

Чуден е фудбалскиот пат, не знаеш кај ќе те однесе

Најбараниот фудбалер во Англија летово, полушпицот и крилен напаѓач на Кристал Палас, Еберечи Езе ќе го засили Арсенал кој е во потрага по напаѓач откако стигнала вест дека Кај Хаверц ќе пропушти голем дел од првата полусезона. Езе има 11 настапи за Англија и 1 гол. За Кристал Палас игра од 2020-та и има преку 150 настапи со 34 гола. Како мал на 13 години тренирал во Арсенал но го отпуштиле поради тоа што бил „недоволно талентиран“. Сега го враќаат за 67,5 милиони фунти!

Провокатор на денот

Навивачкото ривалство е сосем нормална и природна работа, ама најјако е она градското, бидејќи има посебен шмек. Навивач на Милан јако ги пецна интеристите за последното финале од ЛШ, а навивач на Интер на социјалните мрежи со реплика: Ќе ве видиме ли вас сезонава во Европа или не?

Му ја уништи кариерата на автобусот со еден потег

Најголемата будалаштина која ќе ја видите денес е оваа и ниту една друга. Точка. Ова е дриблинг на векот.

Големо насилство на натпревар од Копа Судамерикана, има и жртви?

Реваншот од осминафинале на Копа Судамерикана меѓу аргентински Индепендиенте и Универзидад од Чиле е прекинат поради страшни инциденти на трибините.

Имате 2.500 фунти од мене, што пие цела кафана

Убавите приказни се во помалите клубови. Иако сепак зборуваме за премиерлигаш. Со ваков маалски и мангупски потег, во секунда се влегува под кожа на навивачите.

Во новата Лига на шампиони Бодо Глимт, Пафос, Карабах и Каират?

Квалификациите за Лига на шампиони сè уште се во тек, но по првите одиграни средби, пред реваншите, веќе ѕиркаат евентуални сензационални пласмани во најелитната лига на свет.

Лудница поен во мешани двојки на УС опен

Тенисот во мешани двојки знае да биде многу интересен и е многу подинамичен. Сара Ерани и Андреа Вавасори го имаат најјакиот поен на УС опен. Ќе ве шашардисаат со топчето. Ко пинг понг да играат.

Добра фора на Ројс од корнер, ама и противничкиот играч беше од негова

Лос Анџелес Галакси ја совлада Пачука со 2:1. Имаме интересен материјал од мечот. Поранешниот германски репрезентативец учествуваше во двата гола. Вториот го даде, а првиот „му го намести“ на еден од гостинските играчи. Во 95-та Пачука се израдува барем на почесен, ама мајсторски погодок, кој вреди да се погледне.

Поранешен НБА играч стана фудбалер

Некогашниот кошаркар на Далас Маверикс и репрезентативец на Русија Павел Подколзин кој во НБА беше две сезони но забележа само шест настапи, сега на 40 години решил да се проба во фудбалот. Заиграл за аматерскиот клуб Амкал Москва кој победил на гости кај Калуга 0-1 во квалификациите за Куп на Русија.

Реакцијата на Марадона на свирежи на химната во Италија '90

Пред почетокот на големото полуфинале на Светско првенство 1990 меѓу домаќинот Италија и Аргентина, италијанските навивачи ја исвиркаа жестоко химната на „гаучосите“ и на „Олимпико“ во Рим. Наводно Марадона имал некои коментари за италијанските навивачи па свирежите биле поради него. Пцуеше со познатото „ихо де пута“ (кучкин син) а Аргентина победи на пенали.

Браво деца, така се игра фудбал

Македонската фудбалска репрезентација до 16 години ја совлада Црна Гора со 3:0 на пријателска која се одигра на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид. Стрелци Адриан Велевски, Марин Крстевски и Стефан Ристиќ. Сите три гола ги изработија атрактивко и многу фудбалски.

Како тоа куглање со две топки?

Така. Со едната гаѓа, а другата ја праќа во иднината.