Министерот за спорт на Иран: „Апсолутно немаме намера да играме на Светско во САД“

Неколку дена по почетокот на војната меѓу Израел и САД против Иран и неколку дена по медиумското нагаѓање дали фудбалската репрезентација на оваа азиска земја ќе игра на Мундијалот 2026 во САД, стигна одговор.

Германскиот реномиран лист Франкфуртер Алгемајне Цајтунг ги пренесува зборовите на министерот за спорт на Иран:

„Немаме никаква намера да учествуваме на Светското првенство во фудбал во САД“.

Иран со неколку победи во азиските квалификации обезбеди пласман на Мундијалот. Според планот треба да игра против Нов Зеланд на 16-ти јуни на стадионот „СоФи“ во Инглвуд, против Белгија на 21-ви јуни на истото место и на крајот со Египет на стадионот „Лумен Филд“ во Сиетл.

Иранскиот фудбалски сојуз пред нивната земја да биде нападната до Израел и САД апелираше до ФИФА преку соопштение да вложи напори да спречи евентуални ЛГБТ паради закажани за дента на нивниот натпревар со Египет во Сиетл.

Но сега од Иран стигнува друга вест. За неиграње на Светското.

„Од моментот кога оваа корумпирана власт го уби нашиот лидер, немаме никаква намера да учествуваме на Мундијалот“, рекол министерот за спорт на Иран Ахмад Донџамали кој за германски Франкфуртер Алгемајне Цајтунг зборувал за злобните мерки кои биле преземени против Иран.

„Ни направија две војни во осум или девет месеци и неколку илјади наши жители се убиени. Немаме апсолутно никаква намера да учествуваме“.

Според некои најави доколку Иран се повлече од учество на Светското, на негово место би можела да влезе селекцијата која заврши зад нив во квалификациската група а тоа беа Обединети Арапски Емирати (ОАЕ) или пак селекцијата која ќе игра во интерконтиненталниот бараж за пласман на Мундијал, а тоа е Ирак.

11 март 2026 - 15:13