Off Topic

Го знаете ли ефектот на Барбара Стрејсенд?

Во психологијата тоа се вика „психолошка реактанса“ - колку повеќе  притискаш нешто да се скрие, толку повеќе луѓето го бараат тоа. Како кога ќе ти кажат, „не гледај десно“ и одма ти допаѓа да погледнеш баш десно. Ако нешто сакате да тргнете од интернет, не ни помислувајте на тоа.

ТВ дуел какви веќе нема

Сакавме да пишеме да ја споредите луцидноста и досетливоста на гостите во оваа ТВ емисија од 1991 година со излижаниот шпил гости кои циркулираат на нашите телевизии, ама подобро немојте. Присутни се нашиот Циле и стариот Ѓилас но главните фајтери се новинарскиот булдожер Александар Тијаниќ и Иван Звонимир Чичак. Прво Тијаниќ доминира ама и Чичак ќе се соземе и ќе почне да враќа.  

Македонски колбас со ајвар

Јутјуб каналот 2 Guys & A Cooler (речиси 300.000 следачи) прават драгоцени туторијали за колбаси, салами, суво зреење месо и слични онтолошки теми. На ред им дошло да направат домашен македонски колбас (свинско и јагнешко) кој на крајот изгледа сочно и неодоливо. Имаат интересни финти иако некои детали не ни се најјасни, особено ајварот. 

Уште ретрограден Меркур ѝ фалеше на Босна

Босанската министерка за ОБРАЗОВАНИЕ им објасни на луѓето што е коренот на нивните проблеми: ретроградниот Меркур! Почнал на 30 октомври а Јасна Дураковиќ (знак: Близнаци) советува до 14 ноември, кога ќе се повлече, луѓето да ги одложат сите важни договори, преговори и потпишувања деловни договори за втората половина на ноември. Луѓе предлагаат дотогаш и таа да се повлече. 

Кој ја знае формулата, нека фрли со првата чиа

Мајкл Филип Џегер, познат како Мик Џегер, фронтмен на Ролинг Стонс. 83 години, во телото има истурено стотици килограми кокаин, хектолитри алкохол а во градите има стара тутунска фабрика. Годинава издадоа албум, трча дневно по 10-тина километри. Роберт Превост, познат како Папата Лав IX, фронтмен на Католичката црква. Има 71 година, најчест доручек му се житарици со млеко, во петок пости. Има рак на белите дробови.

Биди Кина

Во 1988 година, имаа само 147 км автопатишта. во 2025 година имаат речиси 200.000 километри. Очекуваниот животен век, од 61 година, се качува на околу 78 години. БДП од 180 долари оди на 13.900 долари. Во 1975 година, целата економија им вреди 164 милијарди долари. Само во 2024 година, инвестираат 45 пати повеќе од вредноста на таа некогашна економија.

Геј да ве погали

Соголена од инструменти и пратечки вокали, песната „I Heard it Through the Grapevine' оставена само на еден од најубедливите Мотаун гласови на сите времиња, гласот на Марвин Геј, човекот кој загина од раката на својот татко.

Без старца нема ударца

Во западниот свет оваа дупачка завршува или со смеење или со по некоја збунета фаца. Во арапскиот тоа се доживува малку посериозно.

Два-три (брзи) збора за Honeyland

Во идеален свет, или вие би го разбрале секој збор или ние би ви понудиле комплетен транскрипт од мислењето на Џејмс Шоу за македонскиот документарец Медената земја. Бидејќи овој свет таков не е, само ќе ви кажеме: му се свиѓа. 

Авенџерс: Организација

Марвел филмовите се достигнување по повеќе сериозни основи дури и без да се земат предвид компјутерски ефекти и камери. Она што нас нè воодушевува е организацијата, поточно што некој треба на секој од овие да им каже што да прават, и сите заедно, кореографирано, да го послушаат него. За нас на пример организациски успех е да пуштиш некого во продавница по 3 работи, а да не ти се врати со една заборавена и една згрешена.

Трудот е новиот бог а работата религија

Следете го својот сон, држете со до она што навистина го сакате, чувајте ја својата страст... се дел од оние пораки кои познати лица често им ги упатуваат на штотуку завршени студенти, продавајќи им го „лажниот американски сон“ кој ќе го имаат само малкумина. Едноставно, многу работи кои постојат на пазарот се просто одвратни и се сведуваат на тоа да продаваш нешто и да правиш пари за газдите.  Оттука, оние чиј идентитет и смисла на постоењето се сведуваат на нивната работа, да не се чудат ако еден ден ќе се почувствуваат некако прегорени.

По трагата на една фотографија

Изгледа како да се на погреб или пак оддаваат едноминутно молчење за некој починат, но не е тоа. Луѓето не се простуваат со некој што заминал, туку помагаат некому да остане.

Кај отиде светот

Тројца FX артисти коментираат добри и лоши страни на филмски сцени кои се работени со компјутерска графика. Се разбира, махерите имаат неверојатно чувство за детали но најфасцинантно е што нè потсетуваат на кои сè „ситници’ треба да се мисли и работи за една сцена да изгледа уверливо.

Арон Краскал и неговите проблеми

Ако не го, треба да го знаете Арон Краскал. Тргна со смешни онлајн видевца на разни платформи за денес да работи со Кевин Харт и слични. Има неколку добри рубрики, оваа ни е омилената: кога зборува по телефон за да ги шокира оние кои несакајќи го слушаат.

Сарамзалино: 1.000 војници на 1.000 жени. А дете нема.

ЈНА своевремено побарала од словенечкиот режисер, камерман и директор на фотографија Карпо Година (инаку, роден во Скопје), да им направи прописен војнички филм. Карпо ги зема парите и им го прави ова - малтене хипи - филмче, потег за кој требало многу кохонес.

Пет причини за да се баталат Фејсбук и Гугл

Клипот е на DuckDuckGo, интернет пребарувачот кој држи до тоа дека е посветен на штитење на приватноста и на тоа да не ги профилира корисниците за да им ги филтрира резултатите на нивните пребарувања. 

Базирано на вистинити поплаки

Британски Канал 4 собира сила да ги прочешла критиките што ги добива од гледачите за од нив да извади нешто малку од малку воспитано што може да се искористи за маркетинг и ги става во реклама, и тоа многу успешно.

Леб и сол. What a band!

Дали ќе ги начекавте во Драмски театар, во Антички во Охрид, во Битола или каде било, Влатко, Бодан, Кокан и Гаро правеа концерти кои се слушаа во еден здив. Да ги ѕирнете коментарите на Јутјуб, да видите што е тоа консензуалност, од Хрватска до Африка.

Комшија Паспаљ

Ти го мислиш Паспаљ дреме на некоја плажа во Шпанија, индексира што сè поминува по песокот, стратешки позициониран на некој шанк, ама не, човекот има и попаметна работа. Паспаљ (кошаркарската легенда со сите свои светски злата, слава и пари) два месеца, сам самцат, те со косилка, те со мотика, те со ножици, го средува заедничкиот двор пред зграда, за себе и сите комшии. Става и кош, само сега нема кој да игра, или сите се старки или се многу мали. Александар Ѓорѓевиќ, Дејан Томашевиќ и српскиот кошаркарски сојуз го средуваат ова.

Микропукот во целата своја ужасност

Пред три години ова му се случи на Скопје, кога за неполна минута го потопи цел град. Снимкава е од некој сличен настан и прилично e вознемирувачка без разлика колку е направена од далечина. Тоа долу е цел град, тоа горе се на прва регуларни облаци.

Патлиџан не е за во фрижидер

Мада ако јадете од тој тиква патлиџанот од супермаркети веројатно не треба ни најмалку да се потресувате околу вкус на патлиџан бидејќи одамна се имате откажано од истиот. П.с, и путер не е за во фрижидер, ама за тоа друг пат.

Болсонаро се претргна

По зголемениот меѓународен притисок во врска со рекордниот број пожари во Амазонија и ветувањето на Болсонаро дека, ако треба, ќе биде испратена војска, тој, како да ви кажеме, го исполни ветувањето. Еуроњуз тврди дека против илјадниците пожари кои секојдневно ги голтаат шумите, бразилскиот претседател испратил - дури два авиона за гасење.

Како апси норвешката полиција

Не може една норвешка битанга да биде толку наапана и непријатна колку што двајца норвешки полицајци можат да се изнасмеат на неговото пиздење. Па уште и кога овој ја скрши пластичната чаша што му ја дале, полицаецот му вика дека ќе му донесе друга. А чисто за контраст, ќе тркнеме и до САД.

Вицовите на Славој Жижек

Вицовите се неодвоив дел од она што го предава и пишува словенечкиот социолог, филозоф и културен критичар. Според Жижек, вицовите знаат да откријат големи а и непријатни вистини, суптилно да отсликуваат парадокси, или да дадат свежина во погледот кон работите. Толку ги има кажано, што ги има доволно да се издаде книга само од неговите вицови.

Бунтовништво не можеш да ампутираш

Од што немаат којзнае колку работа, на полициска патрола од Нов Зеланд ѝ се видело дека еден инвалид премногу шишка со количката. Стариот (Чарли Дурам, 60 години, две ампутирани нозе) не само што не им застана туку им покажа пар јаки дриблинзи. Најбавната полициска потера на светот беше проследена со гласно навивање за бегалецот.

Пирс Морган: Либералите станаа неподносливи

Популизмот е во пораст затоа што денешните либерали, би рекол мојата страна, бидејќи сум либерал, стaнаа комплетно неподносливи, вика Пирс Морган, и тоа кај Бен Шапиро, човекот кој безмалку му ја запечати кариерата во САД. Не можеш да водиш Оскар бидејќи пред 10 години си кажал некој виц. Па не можеш да добиеш Оскар затоа што си имал некоја мана. Либералите создадоа една празнина во која никој ништо не прави, никој на ништо не се смее, секој се плаши да нè навреди некого....

Шампионат за електричари

Да, го има, многу е вистински, а и не е лошо платен (со награден фонд од околу 500.000 долари). Истите овие што кај нас ги наоѓаш со врски како што некогаш требаа за Шенген виза, па после со поп вклучуваш два штекери одеднаш, во САД се натпреваруваат кој побрзо може да комплетира инсталација, и тоа се пренесува со иста жестина и фори како да е нормален спортски настан.

За многу години сеирот на Борис

Од средбата Макрон - Џонсон извадена е една фотка која од сега ја предвидуваме дека вечно ќе биде користена за ругање на овој вториот. Плус, фотката доаѓа со мајсторски добар сеир, па нема зошто да не остане тоа така. Видеото од истиот настан, покажува колку малку треба за некои моменти да станат вечни.

 

Жените за Том Веитс

Саде жени да ти прават трибјут албум и тоа додека си жив, покажува дека лежерноста на еден маж може да го однесе подалеку отколку да бил еден од оние што запнуваат.

Инжениран кошмар

Кога градежник ќе каже „секој еден совет што ни го дадоа најголемите умови и најпаметните инженери и математичари, едноставно не е точен“ можеш да бидеш сигурен дека следен пат кога ќе го спомнат медиумите ќе биде со „катастрофа“ во насловот.