Вицовите на Славој Жижек

Вицовите се неодвоив дел од она што го предава и пишува словенечкиот социолог, филозоф и културен критичар. Според Жижек, вицовите знаат да откријат големи а и непријатни вистини, суптилно да отсликуваат парадокси, или да дадат свежина во погледот кон работите. Толку ги има кажано, што ги има доволно да се издаде книга само од неговите вицови.

1. Во покојната источна Германија имаше еден стар виц кога германски работник добил работа на Сибир. Знаејќи дека сите писма што ќе ги напише ќе бидат читани од цензори, на пријателите им дал вакво упатство: „Ако писмото што ќе добиете од мене е напишано со сино мастило, тогаш тоа што го пишувам е вистина. Ако е напишано со црвено мастило, да знаете дека е лага“. После еден месец, неговите пријатели го добиле првото писмо, напишано со сино мастило: „Овде сè е супер. Продавниците се полни, храната е одлична, становите се големи и фино затоплени, во кината пуштаат западни филмови, местото е полно со девојки кои се расположени за дружење - единствено што нема е црвено мастило.“

2. Има еден стар еврејски виц кој го сакаше Дерида, кога група Евреи во синагога ја декларирале својата ништожност во однос на бога. Прв станал еден рабин и рекол: „Господе мој, јас сум безвреден“. Откако тој завршил, станал еден богат бизнисмен и удирајќи се в гради извикал: „Господе мој, и јас сум безвреден, опседнат сум со банални материјални богатства, јас сум никој!“ После богатиот станал еден сиромашен Евреј и рекол: “Господо мој, и јас сум ништо!“ Богатиот го буцнал со лакт рабинот и му рекол: „Каква дрскост! Кој е тој да си дозволува да тврди дека и тој е ништо?!“

3. Има еден добар виц за Исус Христос. За да одмори малку од постојаните проповеди и правењата чуда, решил малку да одмори на брегот на Галилејското море. Додека играл голф со еден од своите апостоли, му се паднал еден тежок удар. Исус промашил и топчето завршило во вода. Го направил еден од своите омилени трикови. Одел по водата, дошол до топчето, се наведнал и го земал. Подоцна, дошло ред за уште потежок удар и апостолот му рекол дека тоа ни Тајгер Вудс не би го погодил. Исус рекол: „Ја сум син на Господ, јас можам сè што може Тајгер Вудс“. Пак замавнал лошо, пак топчето отишло во вода, овој пак почнал да оди по водата. Во тој момент, група американски туристи гледаат што се случува, му се вратат на апостолот и му викаат: „Кој е оној дечко онде? Да не мисли дека е Исус или што?“ Апостолот им вратил: „Не, црепот мисли дека е Тајгер Вудс“.

4. Има еден стар виц од раните 60-ти години кој добро го отсликува парадоксот на претпоставената верба. Откако стана првиот човек кој бил во вселената, Јуриј Гагарин бил примен од Никита Хрушчов, генералниот секретар на Комунистичката партија. И дискретно му се доверил: „Другар Хрушчов, горе на небото има и рај и Господ и ангели- христијаните цело време биле во право!“ Хрушчов му шепнал на уво: „Знам, знам, ама не кажувај никому за тоа!“. Следната недела Гагарин го посетил Ватикан и на папата му рекол: „Знаете, свети оче, јас бев горе и таму нема ни рај, ни Господ, ни ангели....“ Папата го прекинал и на уво му рекол: „Знам, знам, ама не кажувај никому за тоа“.

5. Во старите времиња кога социјализам постоеше, сите деца учеа за тоа како Ленин обожавал да чита и сите ја знаеја неговата максима „Учи, учи и само учи.“ Класичен виц продуцира убава субверзија на оваа легенда, преместувајќи ја во друг контекст. Елем, Маркс, Енгелс и Ленин биле прашани што преферираат, сопруга или љубовница? Маркс кој за приватни прашање бил доста конзервативен, одбрал сопруга. Енгелс, кој далеку повеќе знаел да ужива во животот, одбрал љубовница. Дошол на ред Ленин и тој рекол: „Сакам и двете, и жена и љубовница!“ Дали тоа другарот Ленин почнал да посакува прекуемерно уживање во сексуални задоволства? Не, бидејќи набргу ја објаснил изненадувачката желба. „Така можам на љубовницата да ѝ кажам дека сум со жена ми, а на жената да ѝ кажам дека одам кај љубовницата“. А што уствари ќе правиш? „Ќе најдам некое осамено место и ќе учам, учам и само учам“.

Книгата

26 август 2019 - 15:04