Човек вежба по пола час на ден - роботите по 24/7

Стотина хуманоидни роботи од компании ширум светот во центарот „Неура“ во Германија, каде што под надзор копираат разни физички активности за секојдневни предизвици со кои ќе се соочат по домови или фабрики. До лани на разни позиции биле распоредени 15.000 хуманоидни роботи. Се очекува до 2030 година да бидат ангажирани 1 милион.

Строго обезбедуваниот полигон наречен „Robogym“ е сместен во близина на Минхен.

Роботи земаа делови од автомобили и ги ставаа во контејнери, редеа кутии и извршуваа други задачи, имитирајќи ги движењата на човечките инструктори кои ги насочуваа од далечина. Еден робот вежбаше како цврсто да држи празна чаша и како да реагира кога се полни со вода, опишува репортер на „Њујорк тајмс“, првиот новинар на кој му било дозволен пристап во центарот.

Давид Регер, основачот на „Неура“ укажува дека вештачката интелигенција што ги командува роботите не може да се обучува како јазичните модели, со едноставно читање на податоци и туѓи искуства.

Тој го споредува процесот низ кој поминуваат хуманоидните роботи со луѓе што учат да пливаат.

Не е доволно да гледате инструкции и видеа. Мора да влезете во водата и да останете на површината, вели Регер.

Откако во јуни собра 1,4 милијарди долари од инвеститори како Nvidia и Amazon, компанијата „Неура“ сака до крајот на идната година да отвори уште четири фискултурни сали за хуманоидни роботи низ светот. Покрај онаа во Минхен, има и една во кинескиот технолошки центар Хангџоу.

5 November 2026 - 15:17