Се работи за еден прилично нов алат, составен од 4 главни делови: мини компресор, црево, пиштол и сад за боја. Принципот на работа е едноставен, го полниш садот со боја, го ставаш на пиштолот и вклучуваш. Опсегот на употреба му е речиси се од мебел до врати, прозори и ѕидови. Веројатно нема да го бива за фарбање кола и слично.
Опциите со кои можеш да си играш на пиштолот се колку боја ќе пушта, каков млаз (хоризонтална линија, вертикална линија, или круг) и колку широк. Ова не е фиксно и се разликува во зависност од производителот и моделот.
Главните варијабли што треба да ги гледаш кога купуваш се:
- Моќноста (колку вати е компресорот).
- Притисокот што го создава компресорот.
- Протокот на боја.
- Капацитет на резервоар.
Заедно со уредот доаѓа и мерилка на густина на боја, која во зависност од производителот и силината на компресорот ќе ти покаже дали бојата со која сакаш да фарбаш има густина со која ќе може да се користи на пиштолот или ќе го заглави.
Препораката е ако прв пат го користиш спреј пиштолот претходно малку да се запознаеш со него и да земеш една картонска кутија па на кратко да испробаш како функционира, како ти лежи на рака, кои движења треба да ги правиш, со кој млаз како работи и која опција на фарбање најмногу ти користи.
Насоките за фарбање е пиштолот да биде едно 20 до 30 сантиметри оддалечен од тоа што го фарбаш. Откако ќе се наместиш, најдобри резултати се добиваат кога површината ќе се пројде еднаш вертикално (нагоре па надолу), па еднаш хоризонтално (од лево кон десно), односно да не ја ресетираш позицијата и нон-стоп да се враќаш од кај што си почнал. На секое преминување гледајте следната линија да се преклопува околу 30 до 50% во претходната. Многу е важно за цело време дур го користиш да не се задржуваш на едно место.
Разликата од фарбање со четка е што не треба да се трудите 100% да покриете, туку некаде до кај 80% и да оставите бојата сама да се спои. Една работа што ја препорачуваат луѓе што го користеле е - никако не го оставајте да го чистите утре, туку веднаш по завршување работа.
Вагнер што го гледате на видеата баш и го нема кај нас, ама затоа може да се најде спреј пиштол на Матрикс, Ферн, Ингко или Екстол.