ВИ додава по 90 минути работа на ден

Бил Гејтс и Џенсен Хуанг тврдеа дека вештачката интелигенција ќе им отвори повеќе слободно време на луѓето. Дури и Берни Сандерс, заколнатиот непријател на ВИ, повика на скратување на работната недела на 32 часа. Првите анализи покажуваат дека работниот ден на оние што се служат со новите алатки всушност е 90 минути подолг во споредба со оние што работат без помош.

Софтверската фирма за продуктивност на работното место ActivTrak анализирала дигитална активност на повеќе од 9.000 вработени во 467 компании во периодот од април до септември годинава. Утврдила дека работниот ден на оние што користат помош од алатки со ВИ траел во просек трае помеѓу 8 часа и 24 минути и 9 часа и 6 минути, во споредба со 7 часа и 36 минути на оние што не користат ВИ.

Вработените што интензивно користат ВИ (минимум пет сесии од по 45 минути) во текот на денот поминувале и по 18 минути надвор од редовното работно време. Тие почесто се префрлале од една апликација на друга и имале пократки периоди на непрекината работа во споредба со вработените што ја користат ВИ во помал обем.

Наодите се толкуваат на повеќе начини. Некои велат дека работодавачите што инвестирале во нова технологија очекуваат поголема продуктивност од вработените и им товарат повеќе секојдневни обврски. Други укажуваат дека вработените трошат повеќе време на чистење на „ѓубрето“ генерирано од алатките отколку што им е потребно самите да ги завршат задачите.

Живееме во економија која е екстремно фокусирана на продуктивноста. Штом ќе постигнеме одреден резултат, сакаме уште повеќе, изјави Габриела Маух, директорка во ActivTrak.

И друго повеќемесечно истражување, спроведено од Бизнис-школата „Хас“ на Универзитетот во Беркли во технолошка компанија со 200 вработени откри дека ВИ не им го ослободува времето на вработените, туку им ја прави работата поинтензивна.

Вработените работеле со побрзо темпо, преземале повеќе задачи и ја прошириле работата на повеќе часови во текот на денот, честопати без воопшто некој да го побара тоа од нив.

Иако ова може кај работодавците да создаде впечаток на зголемување на продуктивноста, тешко ќе може долгорочно да се одржи, забележува коавторката на истражувањето, Сингчи Меги Је.

16 ноември 2026 - 14:13