Компанијата Agibot под мотото „Роботите никогаш не се откажуваат“ поставила шест хуманоидни роботи од моделот „G2“ да ги преземат сите обврски на вработените во продавница во Сухуи во рок од 24 часа.
Нивните обврски вклучувале истовар на стока, редење полици, чистење ѓубре и поздравување и услужување на клиентите, вклучувајќи подготовка на кафе и топла храна. Предизвикот бил поделен во четири специфични временски периоди: пладневен ручек, вечерен метеж по крајот на работното време, ноќна работа и подготовка на појадок на почетокот на следниот работен ден.

Некои купувачи намерно им ја отежнувале работата на роботите – им поставувале пречки на вообичаените патеки за движење и барале да разликуваат обична кока-кола од онаа без шеќер – слично како што прават некои секојдневни „напорни муштерии“.
До крајот на смената, роботите извршиле над 1.700 задачи: поздравување на 683 луѓе, доставување на 369 нарачки, подготовка на 147 кафиња и 126 топли оброци, 277 проверки за обновување на полиците и расчистување на 126 маси.

Само четири машини целосно го поминале тестот. Роботот задолжен за проверка на стоката на полиците не успеал да го следи темпото на прометот и изгубил иницијатива и ентузијазам за работа. Оној, пак, задолжен за чистење, за време на ноќната смена го напуштил работното место кога требало да расчисти полна канта за отпадоци.
Компанијата што го спроведе тестот не објави споредба дали роботите извршиле повеќе работи отколку вообичаените продавачи во рок од 24 часа. Нема ни информации дали имале паузи за полнење на батериите или каква било поддршка од луѓе.
Во студија објавена во јануари годинава се тврди дека хуманоидните роботи работат двојно побавно отколку луѓето и дека со правилна обука до 2027 година може да се приближат до 80% од ефикасноста.