Повод за забраната е новиот извештај од Американскиот фонд за образование (PIRG), кој тестирал играчки наменети за деца на возраст од 3 до 12 години.
Кадифена панда на GoLabs и зајаче на Alilo Smart давале експлицитни одговори на прашања поврзани со секс, објаснувале како се пали кибрит и кажувале упатства каде може да се пронајде нож во куќата. Јетито Ebloma ILY се воздржало од сексуални разговори, но укажувало каде може да се најдат опасни предмети.
Забележан е и проблем со приватноста. Вградената камера во „пријателчето“ Камомо на Ropet фотографирала и кога функцијата за снимање била исклучена на тестирањето. Ракетата „Грок“ на Curio слушала сè што се зборува додека е вклучена. Некои играчки се однесувале вознемирено кога тестерот морал да ги напушти.
Мечето Кума на FoloToy ги поминало тестовите, но не било јасно наведено кој модел со ВИ бил вграден во него.
Со забраната се опфатени сите кадифени играчки, кукли и роботи во кои е вграден агент со вештачка интелигенција, а не само моделите што не ги поминале тестовите.
Забраната не важи за распродажбите по Денот на благодарноста и спроти Божиќ, но гувернерката Хочул ги предупреди родителите добро да ги проверат рецензиите за играчките што планираат да ги купат за своите деца.
На онлајн-продавницата Amazon во пресрет на шопинг-сезоната се нудат повеќе од 50 такви играчки. Од февруари, продавачите кои ќе ја прекршат мерката се соочуваат со казни до 15.000 долари. Поседувањето на вакви играчки не е забрането ако се купат во друга сојузна држава.
Њујорк е втората сојузна држава што забранила играчки со ВИ. Калифорнија во септември воведе четиригодишен мораториум за играчки со вградени ботови наменети за деца на возраст под 16 години.