
Дилемата е дали оган треба да се пали од долу, па врз него да се редат дрва, или да се наредат дрва, па врз нив да се стават деланки за распалување и да се запалат.
Прво треба да се знае дека топлината се шири еднакво во сите правци од точката на согорување, а не само нагоре. Привидот дека оди само нагоре е од ширењето на гасовите, а не на самата топлина. Заради ова, кога ќе се запали горниот слој, топлината почнува идентично да се шири и надолу. На овој начин дрвото што е под слојот кој гори цело време се грее, па кога огнот ќе стигне до него тоа подобро гори и поцелосно согорува, а со тоа и помалку чади. (Ако некој прави ќумур, ова помага за добивање подобри парчиња ќумур.)
Редењето на оган што се пали од горе започнува со најголемите трупци кои вообичаено би ги ставил последни. Сега најдебелите се ставаат најдолу како основа, па потоа секој следен слој се ставаат потенки дрва, за најгоре да бидат деланки, кора, прачки и хартија за распалување. Треба да се внимава слоевите да се направени од дрво со иста дебелина за истовремено да согоруваат сите дрва од еден слој и огнот предвремено да не се симнува.
Една од важните работи што треба да се припазува кај овој тип на оган е трупците да бидат добро и стабилно наместени, како огнот не би се растурал како што тие согоруваат.
Сериозен ќар од палење оган од горе има и ако тоа го правиш некаде во дивина и сред влажна средина, без разлика дали заради временски услови (наврнат снег / дожд) или географски, бидејќи не е критично и не пазиш толку многу дали тлото е мокро.
Придобивката од овој оган е што нема толку многу плеткање и додавање дрва секој пат кога едно ќе изгори, туку огнот постепено се симнува од слој на слој како што ги согорува трупците.
Кај овој метод распалувањето е многу поуспешно и многу поретко се случува огнот „да умре“, а има и многу помала веројатност дека дрвата ќе колабираат на куп од огнот.
Истиот метод може да се користи и за распалување скара. Во тој случај прво се распоредува ќумурот во скарата, над него се ставаат дрвца, а над нив деланки со кои се започнува огнот.
За тие што користат печка / шпорет со горна плотна што се загрева, овој метод помага и за побрзо загревање на плотната.
Знаењето и искуство што го бара овој метод е да знаеш колку дрво и колку време ќе ти треба оган, за од старт да го намести купот.
Доколку имате потреба од продолжување на траењето на огнот препораката е како што градите нагоре меѓу трупците да ставите земја или кал.
Слаба страна на овој метод е што со него се губи многу од првичната топлина и оган, заради што ако сте ограничени со материјал за горење или не сакате голем оган, се препорачува стандарден оган, од долу нагоре.
Кога сме кај стандардниот оган, од долу нагоре, една камперска препорака за унапредување е кога ќе го правите првичното купче за распалување, поголемите дрва наместо да ги ставите над него, да ги наместите паралелно со купчето и после нагоре да го градите како мрежа со по две дрва на секое ниво.
Кој метод и да го одберете важно е огнот да не го пренатрупате со што и да горите, и да оставите простор за да има движење на воздух неопходен за огнот. Уште поважно е да пазите каде го палите.