Кинескиот стартап „Ноетикс Роботикс“, основан пред две години, очекува Буми да направи „бум“ на новиот пазар на хуманоидни роботи за семејна употреба.
Главната предност на роботот е цената. Со 10.000 јуани за основниот модел (околу 1.200 евра) се очекува да привлече многу купувачи. Буми има значително подобри перформанси во споредба со конкурентските роботи од оваа категорија. Досега најевтиниот комерцијално достапен хуманоиден робот беше R1 од „Унитри“, со цена од 5.000 евра.
Буми е висок 94 сантиметри и тежи 12 килограми. Дизајниран е првенствено за едукација, семејна интеракција и домашна употреба, со посебен фокус на корисниците кои учат да програмираат.
За разлика од поскапите и понапредни роботи наменети за индустриски линии или истражувачки лаборатории, улогата на Буми е да ја внесе роботиката во домовите и секојдневниот живот. Роботот нуди отворен програмски интерфејс што ќе им помогне на неговите корисници да учат и да програмираат нови креативни задачи, наведува производителот.
Роботот има неверојатни маневарски способности. Стабилно чекори на две нозе, но може да танцува, да прави салта и други акробатски фигури. Флексибилноста му ја обезбедува засиленото машинско учење.
За да постигне толку ниска цена, компанијата ги намали трошоците за производство со користење на лесни композитни материјали. „Ноетикс“ разви свој електронски систем за управување и се потпира на локализиран синџир на снабдување.
Буми ќе биде достапен за нарачки при крајот на оваа година, а испораките во ограничени количини ќе почнат наскоро потоа.