Излезе дека и називот мастика и називот Мастика имаат потекло од исто место, дрвото мастик или мастиково дрво. Дрвото испушта смола која во зависност кај си се вика мастик или мастика.
За смолата е карактеристично што има специфичен шмек и не е отровна, па може да се џвака како таква или да се додаде во јадења (пример сутлијаш) и пијалаци (пример Мастика, и струмичка и грчка).
Оригиналниот термин за мастика потекнува од грчкиот „μαστιχεīν“ што отприлика значи „џвакање со заби“. Во Античка Грција мастиката е спомената од Хипократ кој ја користи за дигестивни проблеми, настинки и освежувач на здивот. Римјаните ја користат со мед, бибер и јајце за производство на зачинето вино.
Грчкиот остров Хиос е најпознат по производство на смолата, која во одреден период на отоманската империја достигнува вредност на злато.
Првичната употреба на мастика е за џвакање, заради што и станува генерички поим за тоа, дури потоа таа почнува да важи како зачин и се додава во храна и пијалоци.
Во пијалаци Грците ја користат за својата верзија на Мастика, за различни блага, десерти, леб, сирење, сладолед и локум. И Турците ја користат смолата за сладолед и локум, меѓутоа и за сутлијаш и салеп, а во делови од Турција што излегува на Егејско море се додава и во кафе.
Струмичка Мастика, иако се базира на анасон го носи името по еден од зачините што и го дава шмекот - мастика. За разлика од Мастиката, мастиката за џвакање денес речиси и воопшто да не содржи мастика.