ЕУ: Фејсбук и Инстаграм имаат „темни шеми“ за корисниците

Платформите на компанија Мета ги прекршиле европските закони, наметнувајќи им на корисниците неефикасен систем за жалби со цел да ги обесхрабри да пријавуваат нелегални содржини, како сексуална злоупотреба на деца или промовирање тероризам. Ако не ги поправи грешките, калифорниската компанија ќе мора да плати казна од 6% од глобалниот приход.

Во прелиминарен извештај, кој остава простор за преговори, Европската комисија тврди дека Фејсбук и Инстаграм имаат измамнички „темни шеми“ во своите механизми за пријавување нелегални содржини. 

Ниту Фејсбук ниту Инстаграм не обезбедуваат лесно достапен механизам за известување и дејствување во случај на нелегални содржини, како што се материјали за сексуална злоупотреба на деца или терористичка содржина, што е спротивно на обврските од Законот за дигитални услуги (DSA), соопшти Комисијата.

Функционери од Брисел ја поврзуваат оваа практика на Мета со ограничување на слободата на изразување. Фејсбук и порано беше обвинуван дека го наместил алгоритмот да цензурира содржини за чувствителни прашања, како на пример за Палестина.

Артуро Бехар, порано вработен во Мета, во септември објави резултати од независно истражување во кое се тврди дека на Инстаграм не функционираат 64% од новите алатки што треба да гарантираат безбеден пристап на деца на возраст под 13 години.

Мета ги отфрли наодите од извештајот и рече дека родителите имаат на располагање ефикасни алатки за заштита. За овој месец најави воведување систем сличен на оние за телевизиски и филмски содржини, со препораки за која возраст се наменети содржините. 

Комисијата, исто така, ги обвини Мета и ТикТок дека ја прекршиле обврската да им дадат на истражувачите соодветен пристап до јавни податоци, поради што не може да проверат до кој степен малолетниците се изложени на нелегална или штетна содржина. 

Ако Мета не ги исполни барањата од Комисијата, се соочува со казна од 6% од вкупниот годишен промет во светот. Мета тврди дека не го прекршила DSA и објави дека ќе преговара со ЕУ за надминување на спорните прашања. 

24 октомври 2025 - 14:07