Методот заснован на ВИ се фокусирал на дизајнирање компјутерски чипови што се користат за високофреквентни примени, како 5G мрежи и напредни технологии за сензори. Овие кола овозможуваат иновации во телекомуникации, радарски системи и автономни возила, но нивниот развој вообичаено е многу бавен. Инженерите почнуваат со дефинирани шаблони и рачно ги оптимизираат или ги подобруваат дизајните преку низа симулации и тестирања.
Истражувачи од Универзитетот Принстон и IIT Madras демонстрираа метод на „инверзен дизајн“ управуван од алатка со ВИ, кога се тргнува од посакуваните својства на чипот за да се создаде дизајнот. Алгоритмот создал поефикасни чипови со прилично необичен дизајн, но има голем проблем.
Тие навистина можат да функционираат подобро, но луѓето не можат да ги разберат, вели Каушик Сенгупта, главен истражувач и професор по електро-техника и компјутерско инженерство на Принстон.
Неговиот тим обучил конволуциски невронски мрежи (вид модел на ВИ) да ја проучат сложената врска помеѓу геометријата на едно коло и неговото електромагнетно однесување. Овие мрежи биле поврзани со алгоритми за оптимизација, кои барале распореди што ги задоволуваат поставените спецификации. Истражувачи потоа ги проверувале понудените дизајни преку конвенционални електромагнетни симулации, изработувале физички компоненти и ги мереле нивните перформанси.
Кај класичните дизајни, овие кола и електромагнетни елементи се составуваат внимателно, дел по дел, за да се движи сигналот низ чипот точно онака како што сакаме. Создадовме структури кои се сложени и изгледаат како да имаат случајни форми, а кога ќе се поврзат со кола, овозможуваат перформанси какви што претходно не беа достижни. Сега можностите се многу побројни, додава Сенгупта.
Сепак, истражувачите тврдат дека ВИ нема да ја преземе работата на инженерите, туку ќе остане само алатка. Дизајн што функционира беспрекорно во лабораторија може да се однесува поинаку во реални услови. Ако инженерите го изгубат строгиот надзор, дури и малите дефекти би можеле да станат тешки за откривање.
Постојат стапици што сè уште бараат проверка од дизајнери. Поентата не е да се заменат луѓето, туку да се зголеми продуктивноста со нови алатки. Човечкиот ум најдобро се користи за креирање и иновации, а ВИ може да помогне, вели професорот.