Кина забранува отпуштање работници поради ВИ

Кинески суд ѝ наложи на компанија да го поништи отпуштањето на работник, кој бил прогласен за технолошки вишок поради автоматизација на процесите со алатки со вештачка интелигенција. Пресудата се толкува како смирувачка порака за работниците кои се уплашени дека ќе бидат заменети со ботови и алгоритми.

Техничарот Џоу од ноември 2022 година работел како супервизор на контрола на квалитет во информатичка компанија поврзана со развој на ВИ и добивал плата од 25.000 јуани (3.640 долари). Специфично бил задолжен за поврзување на кориснички барања со големи јазични модели и филтрирање на содржина која не е легална или ја нарушува приватноста на корисниците.

Со време, неговите обврски биле префрлени на алатки со ВИ, а компанијата решила да го префрли на пониска позиција, со плата од 15.000 јуани. Тој одбил и компанијата го отпуштила како технолошки вишок, со отпремнина од 312.000 јуани. Како причина за отпуштањето биле наведени „организациско реструктуирање и намалени потреби за персонал“.

Виш народен суд во Ханџоу ја потврдил пресудата од пониска инстанца во полза на вработениот.

Компаниите не можат еднострано да отпуштаат вработени или да ги намалуваат платите поради технолошкиот напредок. Основите за отпуштање што ги наведе компанијата не спаѓаат во негативни околности како што се намалување на бизнисот или оперативни тешкотии, ниту пак ги исполнуваат законските услови, се вели во пресудата.

Адвокатот Ванг Сјујанг оценува дека пресудата разјаснила важен принцип: иако компаниите можат да имаат корист од зголемувањето на ефикасноста со примена на ВИ, тие мора да сносат и соодветна општествена одговорност“.

Сличен исход имал и спор од декември минатата година, кога арбитражен совет поништил отпуштање на вработен чија позиција требало да биде заменета со ВИ.

Усвојувањето на новите технологии е доброволен потег на компаниите за да останат конкурентни. Замена со ВИ не може да биде основа за отпуштање, бидејќи на тој начин компанијата ефективно ги префрла врз вработените сопствените ризици од технолошкиот напредок, констатирала арбитражата.

7 мај 2026 - 14:50