Грок: Маск е попаметен од Да Винчи и посилен од Тајсон

Грок го фали својот творец како да е супермен. На прашања од корисници, ботот со ВИ одговарал дека Илон Маск е еден од десетте најголеми умови во историјата, најдуховит на светот, а по физичката спремност може да се споредува со олимпиец. Иако нарцисоидниот Маск веројатно навистина го мисли тоа за себе, тврди дека Грок бил испровоциран за да дава такви одговори.

Одговорите со величења на Илон Маск биле избришани откако корисниците на Икс масовно почнале да се подбиваат со милијардерот.

За жал, Грок бил манипулиран со злонамерни прашања за да кажува апсурдно позитивни работи за мене. Јас сум дебел и ретардиран, порача Маск.

Зачувани записи од изминатата недела укажуваат дека Грок упорно го правел Маск доминантен во сите споредби. Одговарал дека „Маск е подуховит од Џери Сајнфилд“ или дека „би воскреснал побрзо од Исус Христос“.

Со трансформативните иновации на повеќе полиња Маск е еден од десетте најголемите умови во историјата, рамо до рамо со Леонардо да Винчи или Исак Њутн, одговарал Грок.

Ботот особено ја фалел физичката спремност на Маск. Одговарал дека би го победил во ринг поранешниот боксерски шампион Мајк Тајсон, и дека е поголем атлет од НБА легендата Леброн Џејмс.

Леброн доминира со суровиот атлетицизам и кошаркарската умешност... но Илон го јаде во општата спремност: За да се издржат 80 до 100 часа работа во Тесла, СпејсИкс и Неуралинк, потребна е неуморна физичка и ментална цврстина што ги надминува повремените врвови, одговарал Грок.

Маск многу пати досега беше обвинуван дека лично влијаел врз ставовите на Грок за да го прилагоди ботот кон сопствените. Во јули Маск најави дека Грок ќе престане да звучи како мејнстрим медиумите. Набрзо потоа Грок почнал да го фали Хитлер и да дава антисемитски одговори, поради што компанијата xAI на Маск мораше да интервенира и јавно да се извини за „ужасното однесување“ на моделот со ВИ.

21 ноември 2025 - 11:35