Користејќи 25 смартфони „пиксел“ произведени пред три години, истражувачи од Универзитетот Калифорнија во Сан Диего во соработка со Гугл успеале да конструираат центар за податоци чиј капацитет може да се спореди со некои специјализирани конфигурации на сервери.
Секој стар телефон добил улога на компјутерски јазол. За да се постигне тоа, телефоните биле соголени на матична плоча и процесор. Биле отстранети екраните, батериите, камерите, звучниците и куќиштата. Реконструиран бил и софтверот – оперативниот систем Android бил заменет со Linux за општа намена, кој е посоодветен за работните оптоварувања на центрите за податоци.
Тестирањето покажало дека кластер од 25 до 50 телефони може да се спореди со компјутерскиот капацитет на процесор од класа на сервер. Кластер од 20 телефони бил доволен да поддржи апликација што целосно ги опслужува потребите на група од 75 студенти.
Следниот чекор од експериментот е изградба на голем дата-центар од хардвер што инаку би завршил во електронски отпад. Тимот планира да изгради кластер од околу 2.000 телефони способни да поддржат сто пати поголемо оптоварување.
Ваквите нискобуџетни системи сигурно нема да го заменат современиот хардвер со чипови од најновата генерација во големите центри за податоци со кои се напојува вештачката интелигенција. Но, би биле сосема доволни за да ги задоволат потребите на помалите истражувачки групи, универзитетите и компаниите со ограничени буџети на кои не им се потребни врвните перформанси. Пренамената им овозможува да пренасочат компјутерски задачи од „клауд“ на локален хардвер, со што се намалуваат трошоците и зависноста.
Чиповите од стари мобилни телефони веќе ја докажаа својата издржливост во екстремни услови. НАСА, на пример, го пренамени Qualcomm Snapdragon 801 за да му овозможи на роверот Perseverance автономно да се движи по површината на Марс и да спроведува истражувања.