- Новото издание на Скопскиот филмски фестивал (СФФ), што ќе се одржи од 4 до 9 ноември, се враќа по тригодишна пауза со богата програма и македонската премиера на филмот „17“ на Косара Митиќ.
- Во главната конкурентска програма под насловот „Дијалози“ се осум филмови - „Тинејџерски секс и смрт во кампот Мијазма“, „Спирала“, „Изабел“, „Нема рај ако ти убие жена“, „Отфрлен“, „Чувство на дом“, „Мизерна мајка“ и „Тивки ноќи“. Во рамите на програмата ќе бидат прикажани и филмовите „Фјорд“ и „17“ и „Електричен бакнеж“, кои се надвор од конкуренцијата. Во програма насловена „А1 Кинотека“ со почеток од 13 часот ќе бидат прикажани филмови од богатата српска кинематографија.
- Затворањето на фестивалот и поголем дел од проекциите ќе се одвиваат во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар. Целосната програма тука, карти достапни на МКТикетс.
- Њујорк Тајмс објави листа на 100 забележителни книги на годината што полека изминува. Подолу неколку поенти што зборуваат за издавачките тенденции од 2026, барем во англиското говорно подрачје.
- Белетристиката и понатаму е центарот на книжевниот престиж, но сè помалку е затворена во сопствените жанровски граници. Во изборот се наоѓаат романи како „Американски хагвон“ (хагвон е вид приватно училиште во Кореја) на Мин Џин Ли, „Оние што исчезнуваат“ на Марлон Џејмс (беше во финалето за Букер), „Канон“ на Пејџ Луис и „Џон, синот на Џон“ на Даглас Стјуарт (исто така во финалето за Букер). Станува збор за автори и дела што ја третираат фикцијата како простор за истражување на општеството, историјата, идентитетот и човечките односи.
- Жанровската литература повеќе не е периферија на сериозното издаваштво. Во изборот има романса (Star Shipped), хорор (Off the Reservation) и научна фантастика (Earth 7). Границата меѓу комерцијалната и таканаречената книжевна литература станува попропустлива. Издавачите и критичарите сè повеќе прифаќаат дека жанровската книга може да биде и уметнички амбициозна и општествено релевантна.
- Нефикцијата станува начин да се чита и разбере современиот свет. Меѓу издвоените наслови се наоѓаат книги за политичката моќ, расизмот, насилството, социјалните нееднаквости, личната историја и колективната меморија. На пример, „Страв и бес“ на Хедер Ен Томпсон се занимава со политичката историја на осумдесеттите во САД, „Лондон повикува“ на Патрик Раден Киф ја реконструира смртта на еден млад човек во лондонското подземје, а „Странци“ на Бел Бурден е мемоар за лична и семејна криза.
- Петтото издание на Фестивалот на грчки филм во Скопје ќе се одржи од 25 до 27 ноември во Кинотека, со програма посветена на жените режисерки и нивниот придонес во филмската уметност. Под мотото „Женски поглед: Филм по нејзина мерка“, публиката ќе може да проследи три долгометражни и два кратки филма, а во рамките на фестивалот ќе се одржи и панел-дискусија за жените, Балканот и филмот.
- Програмата ги поврзува современото грчко филмско творештво и филмските дела од различни периоди, отворајќи простор за приказни што ги преиспитуваат родовите претстави, општествените очекувања и вообичаените начини на раскажување.
- Фестивалот започнува на 25 ноември (среда) во 19 часот со филмот „Titanic Ocean“ на грчката режисерка Константина Коѕамани. Свеченото отворање е најавено за 18:30 часот, а по проекцијата е предвиден разговор со режисерката. „Titanic Ocean“, долгометражно остварување од 2026 година, ја следи 17-годишната Акаме во јапонски интернат каде што тинејџерки се обучуваат да станат професионални сирени. Приказната ги спојува тинејџерското созревање, романтиката и фантастичните елементи, истражувајќи ги идентитетот, желбата и личната преобразба. Филмот е копродукција на Грција, Германија, Романија, Франција, Шпанија и Јапонија и трае 130 минути. Целосната програма е достапна тука.
- Покрај филмските проекции, на 26 ноември во 11 часот, на Факултетот за драмски уметности во Скопје, ќе се одржи панел-дискусијата „Жените, Балканот и филмската уметност“. На неа ќе учествуваат режисерките Константина Коѕамани, Марија Апчевска и Косара Митиќ, како и професорките Бети Какламаниду и Ана Опачиќ. Модераторка ќе биде Кристина Леловац.