- ФБИ трага по измамници што ѝ го хакирале телефонот на шефицата на кабинетот на Белата куќа, Сузи Вајлс, и во нејзино име се јавувале на сенатори, гувернери и бизнисмени низ САД.
- Тие ја пробиле заштитата на телефонот, добиле пристап до контактите и од други броеви испраќале СМС во нејзино име. Дури и разговарале по телефон, користејќи уред со вештачка интелигенција што го доловува гласот на Вајлс.
- Во телефонски разговор од еден конгресмен, на пример, било побарано да состави список на лица што може да бидат помилувани од претседателот, а во друг случај било побаран трансфер на пари.
- „ФБИ ги разгледува најсериозно сите закани за претседателот, неговите службеници и кибернетската безбедност. Врвен приоритет е да ја одбраниме способноста на функционерите безбедно да комуницираат за да ја спроведат мисијата на претседателот“, изјави директорот на ФБИ, Каш Пател.
- Лани, за време на претседателската кампања, ирански хакери упаднале во електронското сандаче на Вајлс.
- Администрацијата на Доналд Трамп го прекина федералното финансирање на развој на вакцини против ХИВ, со аргумент дека актуелните пристапи се доволни за борба против вирусот.
- Критичните програми за истражување на ХИВ/СИДА ќе продолжат преку новата агенција - Администрација за здрава Америка, чие формирање го побара министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди.
- „Комплексните програми резултираа со сериозно поклопување на напорите. На 27 различни проекти за ХИВ/СИДА се потрошени 7,5 милијарди долари. САД треба да имаат најдобри медицински истражувања во светот. Настојуваме да извлечеме максимален ефект од секој долар од даночните обврзници“, изјави Емили Хилијард, портпаролка на Националните здравствени институти на САД.
- До 19 јуни Администрацијата за храна и лекови на САД се очекува да го одобри лекот ленакапавир за превенција од ХИВ. При клиничките истражувања се покажал стопроцентно ефикасен за спречување трансмисија на вирусот.
- Шефот на Пентагон, Пит Хегсет предупреди дека Кина има план да изврши воена инвазија врз Тајван во 2027 година и ги повика американските сојузници на САД во Азија да вложуваат повеќе за одбрана.
- „Знаеме дека Ши Џинпинг ѝ нареди на војската да биде спремна за инвазија врз Тајван во 2027. Кинеската армија ги развива потребните капацитети со голема брзина и секој ден се обучува“, изјави Хегсет во обраќање до форум за безбедност и одбрана во Сингапур.
- Шефот на Пентагон истакна дека Индо-пацифичкиот регион е приоритет за администрацијата на Доналд Трамп.
- „Азиските земји треба да го следат примерот на европските. Членките на НАТО, дури и Германија, прифаќаат да трошат по 5% од својот БДП за одбрана. Не би било разумно земјите во Европа да трошат толку, а нашите главни сојузници во Азија помалку, иако се соочени со многу поголема закана, да не ја спомнувам воопшто и Северна Кореја“, додаде Хегсет во Сингапур.