Небото до 2050-та ќе биде претесно за сателитите

Во последните пет години бројот на сателити кои орбитираат околу Земјата е повеќе од двојно зголемен и веројатно повторно ќе се дуплира за пет години. Една ракета сега носи по десетици и се враќа по нова тура. Старлинк повеќе не е единствената компанија што создава мрежа од сателити. Научници пресметале дека во орбитата нема место за сите. А и нема некоја голема потреба.

Околу Земјата денес орбитираат приближно 11.700 активни сателити за најразлични намени: воени за шпионирање и извидување, научни опремени со сонди, комуникациски и за глобално позиционирање.

Стапката со која се испорачуваат во вселената постојано се зголемува.
Убедливо најмногу дури 60% од вкупниот број, се од мрежата Старлинк на Спејс Икс. Лансирањето почна во 2019 година, а веќе се активни околу 7.500. Секоја нова ракета на Илон Маск испорачува по уште педесетина. Лансирањата се забрзани зашто ракетите сега се враќаат контролирано во базите и може да се користат повеќе пати.

Свои мрежи со илјадници сателити развиваат и конкуренти, како Кујпер на Амазон или кинескиот проект Илјада едра.

Тешко е да се процени колку сателити ќе бидат лансирани во иднина бидејќи сателитските компании често ги менуваат своите планови. Ако се соберат сите иницијативи, бројот на приватни сателити ќе надмине 1 милион. Но, малку е веројатно дека ќе се реализираат сите проекти, како на пример оној на Руанда за лансирање 337.000.

Реалниот број ќе биде помал поради краткиот работен век. Сателит на Старлинк просечно е во функција околу пет години, по што паѓа и согорува во атмосферата.

Фредерико ди Вруно од опсерваторијата СКА и Бенџамин Винкел од германскиот Институт за радио-астрономија Макс Планк, пресметале дека во ниската орбита на земјата (LEO), каде што сега се концентрирани приватните сателити, нема место за повеќе од 100.000. Ако ги има повеќе во овој појас 2.000 километри над Земјата, ќе си пречат и ќе се судираат. Тоа е многу опасно, бидејќи распрснатите парчиња почнуваат верижна реакција.

Се претпоставува дека со ова темпо на лансирање, капацитетот би се заситил до 2050 година.

Сосема друго прашање е дали воопшто се потребни 100.000 сателити. Голем број се за иста намена, но им носат пари на конкурентски компании, кои се натпреваруваат да обезбедат подобри услуги и да привлечат повеќе корисници. 

Би било подобро да се засили соработката, за да не бидат потребни толку многу сателити. Но, со оглед на ситуацијата во светот, тоа е малку веројатно, смета Винкел.

30 мај 2025 - 20:14