Сеќавање на малата ќеркичка, солзи и среќа на Луис Енрике

Синоќешното големо финале на Лига на шампиони беше во знакот на ПСЖ кој го потопи Интер со 5:0 и тоа беше првпат екипа да прими пет погодоци во финале после далечната 1962. Вечерта беше посебна и исполнета со емоции и за тренерот на Парижаните Луис Енрике кој пред неколку години изгуби ќерка.

Најемотивниот момент на финалето.

Навивачите на Пари Сен Жермен синоќа посветија едно големо покривно знаме на кое беа насликани Луис Енрике и неговата почината ќеркичка Ксана. Овој гест го доведе шпанскиот тренер до солзи.

И самиот Луис Енрике носеше маичка на која стои тој заедно со ќеркичката Ксана која почина во 2019-та по тешко боледување. 

Тренерот на ПСЖ зборуваше за тоа и тој празнуваше синоќа внатре во себе заедно со ќерка му.

„Ја памтам неверојатната фотографија која ја имав со неа... После победата во Лига на шампиони кога држевме знаме на Барселона. Се надевам дека тоа истото ќе го сторам и со ПСЖ. Мојата ќерка нема да биде таму физички но ќе биде таму духовно“, рекол Енрике пред големото финале на ЛШ со Интер.

„МАМО ТИ ТРЕБА ДА СТАВИШ СЛИКА, ТАА Е ЖИВА“

За шпанскиот тренер загубата на ќеркичката беше огромна трагедија, но тој едвај некако нашол сили за да продолжи со животот. Луис Енрике вели дека секој ден размислува на неа. Еднаш и трогателно раскажа за Ксана во документарниот филм за него кој излезе минатата година:

„Ме прашувате дали се сметам за среќен или несреќен човек. Се сметам за среќен. Мојата ќерка живееше со нас 9 прекрасни години. И ние имаме илјада сеќавања на неа. Видеа, работи... Тоа е неверојатно.

Моите родители немаа ниту една слика од Ксана, додека јас еднаш не дојдов кај нив дома. 'Мамо зошто немаш слики од Ксана? 'Не можам, не можам', ми рече таа.'„Мамо, ти треба да ставиш слика од Ксана. Ксана е жива', и реков јас.

Неа ја нема физички, но таа е тука духовно. Секој ден зборуваме за неа, се смееме и се сеќаваме. Мислам дека Ксана сè уште не гледа нас“, раскажа Енрике лани во документарецот за него.

КСАНА ПОЧИНАЛА ОД ОСТЕОСАРКОМ - РАК НА КОСКИТЕ, СО БОЛЕСТА СЕ БОРЕЛА ПЕТ МЕСЕЦИ

Кошмарот почнал во март 2019-та. На 9-годишната Ксана Енрике и била дијагностициран остеосарком. Ова ретко се појавува кај деца, процентот на оздравени изнесува некаде 60-70% ако нема метастаза и ако ги фати само нозете или рацете. За болеста на малото девојче се дознале на крајот од март и веќе било доцна.

Луис Енрике дознал за оваа дијагноза кога беше селектор на Шпанија и кога ја водел репрезентацијата во Малта на квалификациски меч за Европско првенство 2020. Претходно баш ништо не најавувало сериозни проблеми.

Вечерта на 25-ти март му се јавила жена му Елена и управата на Шпанската кралска фудбалска федерација веднаш му организирала на Енрике лет до Барселона.

Луис пропушти три натпревари од квалификациите, а во јуни даде оставка на местото селектор на Шпанија зошто во таква ситуцаија не можел да мисли на работата.

Тогаш во Шпанија речиси никој не знаел за болеста на малото девојче а шпанските медиуми како никогаш дотогаш покажале невидено единство: според пишувањата на Марка, сите знаеле за страшната дијагноза, но не сакале да ја шират веста во знак на почит кон семејството додека тие не одлучат поинаку.

„Семејството е светост. Екипата е со вас до самиот крај“, му напишал Серхио Рамос н Луис Енрике.

Новиот в.д. селектор, Роберт Морено по назначувањето за наследник на Луис Енрике кому му беше помошен тренер рекол: „Секогаш сакав да станам селектор но не во ваква ситуација. Ова е горка радост за мене“.

Луис Енрике бил со ќерка му до самиот крај. Тој секој ден седел во ходниците на клиниката и според Марка, многу тешко бил погоден.

Ксана починала на 29-ти август 2019-та година. За смртта соопшти лично сам Луис Енрике:

„Нашата ќерка Ксана почина после пет месечна интензивна борба со остеос арком. Им благодариме на сите за пројавената љубов во текот на сите овие месеци и им благодарам на сите за разбирањето и за деликатноста. Им благодарам и на персоналот на болницата Сан Жоан де Деу и Сан Пау за нивната преданост кон работата и негата. Им благодарам на лекарите, медицинските сестри и сите волонтери.

Ксана ние ќе жалиме по тебе. Ќе се сеќаваме на тебе секој ден од нашиот живот и се надевам дека одново ќе се сретнеме. Ти ќе бидеш ѕвезда водилка на нашето семејство. Почивај во мир, Ксана. Твоето семејство“.

Спортскиот свет тогаш го поддржа тренерот. Луис Суарез после еден гол против Валенсија во септември 2019-та со прстите ја изобрази буквата Х во чест на Ксана. Неговата ќерка Делфина одела во исто школо со ќерката на Луис Енрике.

Шпанскиот стратег и неговата жена Елена со која се заедно од 1996-та година и преминот на Енрике во Барселона. Имаат две деца - постариот син Пачо има скоро 17 години и ќерката Сира 25. Ксана годинава би полнела 15 години...

 

1 јуни 2025 - 08:58