Еднаквоста ја победи зелената агенда на Макрон

Француските пратеници изгласаа да бидат укинати Зоните со ниски емисии, воведени во 2019 година заради намалување на ситните честички што го загадуваат воздухот во големите градови. Никој не е против чист воздух, но пратениците тврдат дека воведените регулативи се дискриминаторски кон посиромашните граѓани што не можат да си дозволат нови автомобили. 

Предлогот за укинување на мерката го дадоа десничарските опозициски партии, а го поддржаа оние од крајната левица и некои пратеници од центристичката партија на претседателот Емануел Макрон. Против беа социјалистите и зелените. 

Укинувањето на зоните се смета за голема победа на кампањата на писателот Алесандер Жардин, кој оцени дека „екологијата се претвори во спорт на богатата елита“.

Пратениците ќе се плашеа да се вратат во своите изборни единици ако не гласаа да заврши овој кошмар, изјави Жардин за „Фигаро“.

Таканаречените ZFE (zones à faibles émissions) беа воведени во 2019 година, во првиот мандат на Макрон, во 15 најзагадени градови во Франција. До оваа година се проширија во градовите со повеќе од 150.000 жители. Во ZFE не е дозволен пристап на возила произведени пред 1997 година. Поновите се поделени во шест категории и при регистрација треба да добијат налепница Crit'Air за да имаат пристап во зоните.

Десничарската лидерка Марин ле Пен ги опишува ZFE како „зони со забранети права“, десничарската партија Републиканци ги нарече „казнена екологија“, а крајната левица се спротивстави на „наметнувањето зелени политики врз грбот на работничката класа“.

Сите сме за подобрување на квалитетот на воздухот. Но, тоа не може да се постигне по цена на социјална дискриминација, изјави републиканскиот пратеник Јан Букар.

Бранејќи ги мерките, министерката за еколошка транзиција, Ање Пание-Рунашер укажа дека загадувањето на воздухот е причина за речиси 40.000 предвремени смртни случаи годишно. Како алтернативно решение таа предложи ZFE да останат само во Париз и во Лион.

31 мај 2025 - 14:19