Кугли на Сем Алтман верификуваат луѓе

Големи бели топки во излози чекаат некој да им се приближи и да ги погледне за да му ги скенираат очите и да верификуваат дека е човек. Новата компанија Tools for Humanity на Сем Алтман постави вакви уреди во шест градови низ САД и има амбициозна цел да ја прошири мрежата во дигитална „матична книга“ на сите луѓе на планетата - за да се разликуваат од ботови.

Шефот на Опен АИ е убеден дека проектот Ворлд ќе ги заштити идентитетите на реалните корисници на интернет од налетот на ботови генерирани со вештачка интелигенција.

Бараме начин начин луѓето да останат посебни и централни во свет во кој на интернет ќе има многу содржини управувани од вештачка интелигенција, рече Алтман. 

Уредот Орб прави детална снимка од ирисот, специфичен за секој човек, и го поврзува со единствен бинарен број со 12.800 цифри, кој го испраќа на адреса на верификуваниот човек.

Кодот може да се користи за пристап до голем број популарни платформи, вклучувајќи ги Reddit, Minecraft и Telegram, а се планира да се поврзе и со платежни картички.

Во текот на следните 12 месеци, 7.500 кугли ќе бидат поставени низ бензински пумпи, продавници и трговски центри насекаде низ САД. За да поттикне што е можно повеќе пријавувања, Tools for Humanity ги наградува луѓето со криптовалутата „ворлдокоин“ во вредност од 42 долари.

Системот им гарантира приватност: оригиналната снимка на ирисот веднаш се брише, а добиените податоци се шифрираат и се распределуваат на различни сервери за да се спречи реконструкција.

Електронскиот информативен центар за приватност предупреди на ризик од злоупотреби кога приватна компанија прави масовни збирки на биометриски податоци. „Доброволно ги давате вашите отпечатоци од прсти на трето лице. Тие можат да прават што сакаат со нив“, забележуваат критичари.

31 мај 2025 - 18:42