Зошто веќе не си ги гледаме пријателите?

Да, зборуваме на чет, понекогаш и на телефон, но помеѓу секое видување поминуваат сè подолги и подолги периоди. Нарушувањето на колективниот ритам на одмарање значи прекин на меѓучовечките врски, а тоа атомизирање и изолирање е можен извор на тоталитаризам.

Пред помалку од еден век СССР се обидел да спроведе една од најчудните промени на календарот. Во напорите Сталин да ја претвори заостанатата земјоделска земја во индустриска, тој ја намалил неделата од седум на пет дена, при што саботата и денот недела биле избришани.

Наместо викендот, во 1929 бил воведен нов систем на одмарање. Владата ги поделила работниците на пет групи: секој ден четири петини од пролетаријатот ќе се појавел на своето работно место, додека една петина одмарала. Секој работник добил обоено ливче - жолто, портокалово, црвено, виолетово или зелено - кое ја означувало неговата група. Овој распоред бил познат како непреривка, или „постојана работна недела“, бидејќи производството никогаш не запирало. Промената истовремено одела контра религиското значење на неделата, која сега била работна.

Според Е. Г. Ричардс, авторот на „Мапирање на времето“, социјално, непреривка била катастрофа. Луѓето немале време да се видат со пријатели, особено ако тие не биле во истата „боја“. Се случувало дури и маж и жена да не бидат во истата група, иако раководителите наводно внимавале тоа да биде така.

Не поминало многу, па дури и послушните работници почнале да се бунат. И властите не биле задоволни затоа што ова влијаело врз присуството на работниците на состаноци, што било важно за марксистичкото образование. Во 1931 Сталин објавил дека системот бил ставен во функција „избрзано“, што довело до „деперсонализиран трудов процес“. Таа година е додаден ден за колективен одмор. А седумдневната недела е обновена дури во 1940.

Експерименти како овие зборуваат лошо за таканаречениот „социјален инженеринг“. Па сепак, сè повеќе луѓе во светот живеат токму на овој начин, без да ја разликуваат работната недела од викендите, а оние послободните дружејќи се само со оние од истата „боја“ - кои не се по цел ден на работа, и кои можат да одвојат време во скапоцените викенди.

За својата најнова книга, „На распоред“ (On the Clock, jули 2019), новинарката Емили Гунделсбергер се вработила во магацин на Амазон, во центар за поддршка на корисници и во МекДоналдс. Сите три компании подразбирале флексибилно работно време, но според нивно толкување: „Може да се бара работење ноќе, за време на викенди или празници. Често се работи прекувремен број часови. Работните распореди се предмет на промена без претходно известување“ - пишувало во онлајн формуларите.

Но и работните недели на оние побогатите не се нешто подобри. За својата книга од 2012 „Спиејќи со мобилниот“, професорката од Харвард Лесли Перлоу спровела истражување со 1600 менаџери и професионалци. 92% од нив рекле дека работат повеќе од 50 часа неделно, а третина дека тоа го прават 65 часа или повеќе. Речиси сето будно време тие го посветуваат на своите кариери.

Атмосферата на заедничко одмарање ја нарушуваат и бројните трговски центри и супер-маркетите кои се отворени и во недела и на празници. Воншколски активности се организираат и за викендите. А тука се и незавршените работни обврски од неделата, кои „висат“ над главата и не даваат раат ни во оние малубројни часови кои се минуваат во неработа. Оттаму и движењето „опт аут“ (откажи), кое не се залага за повеќе слободно време, туку за целосно отфрлање на култот на бизнисот, одбивајќи ја идејата дека секоја минута треба да биде оптимизирана или сфатена како можност за заработка.

Помеѓу политичките филозофи веќе е клише ставот дека ако некој сака да создаде услови за тиранија, наједноставниот начин е да ги уништи интимните врски и локалната заедница. „Тоталитарните движења се масовни организации на атомизирани, изолирани индивидуи“, напиша Хана Аренд во „Потеклото на тоталитаризмот“ уште далечната 1951. Но за разлика од нацистичка Германија, нам не ни треба тајна полиција за да нè претвори во изолирани души. Сè што треба е да не се буниме против галопирачкиот капитализам, кој ги гази нежните семиња на вниманието, близината и солидарноста помеѓу луѓето.

извор

види претходно: Беше потребен век да се создаде викендот, а деценија да се уништи

16 октомври 2019 - 07:36