Патувам затоа што го сакам тоа. Уживам во чувството на слобода кое го нуди патувањето. Никогаш времето не се шири толку раскошно пред вас како додека патувате, па иако можеби ќе направите малку од она што сте имале намера да го направите, сепак чувствувате дека сте доволно подготвени да постигнете сè. Располагате со долги празни часови кои можете лесно да ги потрошите без грижа на совест што времето лета и што го нема доволно. Иако сметам дека патникот кој нема да ја искористи целата удобност која може да си ја дозволи е неразумен, сепак можам да поминам добро и без неа. Сакам добар оброк, но можам со уживање да јадам и најневкусна и (што е уште полошо) наједнолична храна.
Така на Јужните мориња јадев секој ден конзервирано говедско со несмален апетит (иако признавам дека ми се згади кога ми го понудија по враќањето во Сан Франциско), а на еден остров во Малајскиот Архипелаг јадев банани за појадок, ручек и вечера, затоа што немаше ништо друго. Од тој ден никогаш со копнеж не погледнав во банана. Сакам ноќ по ноќ да спијам на друго место и не мрчам во поглед на сместувањето. Спиев многу удобно на асура во една домородна куќа на Хаваите, а дури и луксузно во отворена барака на една кинеска река. Со уживање имам спиено на чамец на вреќи со копра (сушено „месо" од кокос), а се сомневам дека постои нешто побоцкаво од тоа. Но колку волшебни беа тие ѕвездени ноќи!
Сакам да среќавам луѓе кои потоа никогаш веќе нема да ги видам. Никој не може да биде досаден ако сте со него само еднаш во животот. Интересно е да погодуваш каков е тој вид луѓе и да го споредуваш со друг, нему сличен, кои порано си го запознал. Затоа што повеќето луѓе можат да се категоризираат во мал број типови, па можете да се забавувате препознавајќи ги веќе видените црти и особини. Како што некој пејсаж ќе ви биде познат затоа што веќе сте го запознале на дела на некој сликар, така ќе наидете и на ликови кои веќе сте ги запознале обработени во книжевноста. Такви опишани кај Киплинг, на пример, не се воопшто ретки на Исток. Не знам дали се тоа потомци на луѓето и на жените кои Радјард Киплинг ги опишал во Индија пред 40 години, или тие самите се фомирале детално читајќи ги тие прекрасни приказни. Смешно е да ги чуеш како ги употребуваат изветвените фрази и да ги видиш, како тоа да им е природно, како го задржуваат ставот кон светот кој денес е толку старомоден. А потоа понекогаш доаѓа возбудата, секако многу ретко, кога ќе наидете на некој кој е поинаков од сите што сте ги запознале дотогаш.
Го наоѓате на неочкувани места, на палуба на некој крајбрежен пароброд, во некои со ѕидини опашан град на граница на Тибет или на плантажи со кокосови ореви на островите на Ароа. Осаменоста, необичниот живот, му дале шанса да ги развие своите склоности без наплив на нашата западна цивилизација која на нашите луѓе, барем надворешно, им наметнува заеднички облик, а надворешниот живот, за жал, и тоа како влијае на обликувањето на внатрешниот. Тој човек можеби не е многу бистар. Можби дури и изгледа прилично настрано. Можеби е неморален, нечесен, груб, прост и сиров; но, жими сè, тој е необичен. Изгледа речиси како да припаѓа на некој друг вид. Ако ве интересира човечката природа, срцето поживо ви чука. Чувствувате, додека разговарате со него, некој вид разведрувачки одмор, слично како кога слушате голема музика. Има нешто што бодри кај таквите луѓе. Можеби затоа што со помош на природата тие се издвоиле од вообичаениот животен тек, па ви се чини како да го поседуваат светот. Со нив тие се послужиле да ја создадат својата единственост.
Заминав во Кина во 1920 година. Не водев дневник, затоа што не успевав да го правам тоа откако наполнив десет години, но водев белешки за луѓето и за местата кои го поттикнаа мојот интерес. Нејасно чувствував дека тоа ќе ми биде корисно за пишување раскази или за некој роман. Белешките се трупаа, па ми падна на ум дека би можеле да послужат како единствен опис на моето патување. Кога се вратив дома ги средив. Не беше лесно да се фатат ни за глава ни за опаш, затоа што ретко пишував со перо и мастило; повеќето беа со молив, нафрлани на хартија за пакување, купена по пат, додека уморен од пешачење моите носачи ме носеа во носилка, или пак ги пишував на колена во сампан (кинески чамец).
Но, откако некако ги средив, увидoв дека имаат извесна свежина, затоа што ги пишував додека впечатоците беа живи, а дека таа свежина можеби ќе ја изгубеа ако ги разработев во раскази, како што ми беше намерата. Сметав дека е доволно ако ги пренесам само во малку позбиен облик и се трудев, колку што можев, да ја отстранам непрецизноста и неуредноста на пишувањето набрзина. Се надевав дека на читателот, кој ќе мора да се помачи малку и да се послужи со фантазија, да му дадам верна и можеби жива слика на Кина, онаква каква што ја видов.
Од патеписот „Кинески параван", извор: е-новине