Том Ван Дер Молен, куратор во Амстердамскиот музеј кој ја прикажува историјата на градот, специјалист за 17 век, минатата недела преку соопштение изјави дека во следните неколку месеци институцијата ќе ги отстрани сите референци на „златното доба“ (Gouden Eeuw) од промотивните материјали и од своите галерии. Уште од сега името на една од постојаните изложби, „Холанѓаните во златното доба“ е променето во „Групни портрети од 17 век“.
„Западното златно доба зазема значајно место во западната историографија, кое е силно поврзано со националната гордост, но позитивните асоцијации со терминот, како просперитет, мир, богатство и невиност не се во согласност со реалните историски околности во овој период“, објаснува ван дер Молен. Терминот ги игнорира големиот број негативни страни на 17 век како сиромаштија, војна, присилна работа и трговија со луѓе.
Во период кога Холандија критички се осврнува кон својата историја, вклученоста на земјата во трговијата со робови станува особено значајна тема. Таа почнала да се развива токму во 17 век и траела скоро два века. Државата раководела со тврдини долж Златниот брег, територија која денес е позната како Република Гана, од каде испраќала заробени Африканци преку Атлантикот. Се проценува дека притоа е тргувано со над 600.000 Африканци во тек на два века.
Голем број музеи во Европа се соочуваат со своето колонијално наследство, и притоа Франција води во обидот да ги врати насилно одземените уметнички дела од земјите од каде што тие потекнуваат. Музејот Маврициус од Хаг минатата година отстрани статуа на својот основач од влезот, затоа што грофот Јохан Мавриц Ван Насау-Сиген бил гувернер на холандската колонија во Бразил и се збогатил тргувајќи со робје. Потегот многумина го оценија како контроверзен, па дури и премиерот на Холандија, Марк Руте, го нарече „бесмислен“.
Без оглед на ова, Амстердамскиот музеј напредува во своите планови за инклузивност и критичко преиспитување. Бришењето на терминот „златно доба“ не значи автоматски и излегување на крај со колонијалното минато, но покажува став кон него - значаен чекор во еден долг процес.