„Економист" го поставува прашањето на следниов начин - зошто 35 години откако Денг Ксјаопинг ја отвори кинеската економија, што резултираше со огромен економски подем и трговски врски на Кина со целиот свет, и после толку долга историја на кинеско населување во Америка, во англискиот јазик има толку малку кинески зборови, oсобено од официјалниот, мандарински? Една од поновите заемки, која е горе-долу позната, но е далеку од широко употребувана, е „гуанкси", а подразбира лични врски кои се потребни за да се заврши некоја важна работа, во Кина но и во културите слични на неа.
Навистина, постојат зборови во англискиот кои опишуваат различни кинески вештини како таи чи, фенг шуи или кунг фу,а познати се и различни видови кинеска храна. Но ова е сепак премалку споредено со тоа колку англискиот позајмил од други, често далечни, па дури и во одреден историски период непријателски култури, како на пример јапонската (од суши, преку цунами, футон, караоке, џиу-џицу до банзаи), руската (самиздат), како и голем број француски заемки кои навлегле и покрај англо-француското ривалство.
Може едноставно е потребно уште време. Или поголемо рекламирање на културните елементи кои Кина може да ги извезе во англиските говорни подрачја, а кои се уште не се доволно познати. Дали тоа ќе бидат некои видови храна, спортски активности или филозофски концепти, тоа зависи од понатамошниот развој на Кина, но и од она што таа ќе сака да му ги претстави на светот како уникатно кинески.
Од друга страна во Кина се веќе загрижени за навлегувањето на англиски зборови во секојдневниот јазик - термините како ДВД, mp3, океј или гитара се многу популарни, и покрај прилично ограничениот допир со американската популарна култура. Во моментов само 20 странски филмови се дозволени годишно во кинеските кина, а голем број веб страници се забранети.