Разговорите по телефон во време на пораки и четови станаа поретки и ограничени на сервисни информации и такви со мајките и повозрасните соговорници. Исклучоци веројатно донесе пандемијата, за слушањето на нечиј глас да биде замена за муабет со него во живо. Тогаш тој телефонски разговор подлежи на истите правила како и разговорот во живо - сценаристички треба да започне со вовед, па да има некаква динамина, за на крајот да заврши со поздрав до следното слушање.
Според истражувања на користењето на мобилните од страна на тн. „миленијалци“, 80% од оваа генерација смета дека зборувањето на телефон е повод за вознемиреност. Па сепак дури и тие ако еднаш веќе свртат некому се обидуваат да следат некаков стандард на разговор.
Но во кој и да е филм или ТВ серија ликовите ретко ако воопшто се поздравуваат и одјавуваат од телефонските повици. Откако ќе помине главниот дел од разговорот, оној од кој зависи сценариото, повикот веднаш прекинува.
Многумина сметаат дека наглото прекинување на разговорот е „американска работа“. Но Американци кои реагираат на вакви коментари на Редит велат дека тоа има врска со нечиј карактер или моментална ситуација, но дека непоздравувањето не е никако карактеристика на американската култура (што и да значи оваа еднина за една толку комплесна културолошка средина).
Ако останеме со теоријата дека ова е сценаристичка одлука, тогаш единственото објаснување е простото менаџирање со време. Повеќето телефонски разговори не придонесуваат за развој на приказната, а кога го прават тоа, тоа е само поради некоја изненадувачка информација. Секако, има и исклучоци, а најекстремниот во оваа смисла е Locke (2013) со Том Харди, кој целиот се одвива во автомобил додека главниот лик зборува по телефон.
Но последиците од овој прогон на телефонските збогувања од филмовите и сериите се повеќеслојни. Од една страна тие се потсетници дека она што го гледаме е сепак сечено, лепено, монтирано, и го одзема вкусот на автентичноста, која е ставена во кој знае кој план. Сепак ова може да влијае врз секојдневните навики, па некој да почне да се однесува така само затоа што го видел на филм и мисли дека тоа е кул и дека така треба. Кога ќе доживеете таков епилог се случува да стоите со мобилниот в рака и да се прашувате - се прекина линијата, или човеков гледа многу американски филмови?