Според податоци за САД (а истото би важело и за повеќето богати земји денес), чувството за тоа дали другите се вредни за доверба е најнискo во последниве 50 години. Недовербата се однесува и на медиумите, па дури и на науката, иако таа колку-толку се држи, освен во oдредени области како што се вакцини и климатски промени, каде дел од населението недоволно верува во нејзините наоди.
Истражувачите од општествените науки имаат различни алатки за проучување на довербата. Најпопуларната е таканаречената „игра на доверба“, со двајца анонимни учесници. На првиот му се дава мала сума пари, на пример 500 денари, и од него се бара да одлучи колку би му префрлил на другиот учесник. Вредноста потоа се утростручува, па вториот учесник бира колку ќе му врати на првиот. Ова значи дека довербата и буквално се исплати, бидејќи колку повеќе пари даваш толку повеќе добиваш. Па сепак, и покрај оваа логика, првите учесници во играта во просек префрлуваат само половина од парите, за да го намалат ризикот. Во други варијанти, учесниците ја знаеле националната припадност на другиот. Тогаш предрасудите уште повеќе ја намалувале довербата.
Но во секојдневниот живот таа се тестира на многу начини, и на исто толку начини се исплати (или не). На пример кога имаш доверба да пуштиш некој познаник да преспие кај тебе дома, тоа е начин да дознаеш многу повеќе за него како човек, и дали е добар гостин. Ако прифатиш совет од колеги за некаков нов производ (козметика, тенџере на пареа, место на кое добро се јаде), тоа може да ти биде корисна информација, која ќе ти заштеди и пари и време кои би ги потрошил ако самиот пробуваш дали нешто чини или не.
Спротивно на ова, ако не дадеш доверба, никогаш и нема да дознаеш дали требало или не да го сториш тоа. Оваа таканаречена „информациска асиметрија“ значи дека учиме повеќе преку имање доверба, отколку преку недоверба. Освен тоа, кога веруваме, не учиме само за специфични поединци, туку погенерално за типот на ситуации во кои треба или не треба да дадеме доверба. Накратко, се вежбаме во областа на довербата.
Ироничното во оваа логика е што самата причина зошто би требало да веруваме повеќе - фактот дека би добиле повеќе информации - може да нè направи помалку склони да веруваме. Кога вербата ни е изневерена, цената е висока, а нашата реакција може да варира од нервоза до гнев и очај. Тогаш целата корисност на добиената информација може да падне во вода споредена со она што мораме да го истрпиме.
Не веруваме премногу затоа што цената на залудно дадената доверба е премногу очигледна, додека пак користа од истото, но и штетата од погрешно НЕдоделената доверба, е главно скриена. И најчесто работите треба да слегнат пред да сфатиме дека во сето тоа имало некоја лекција. Сепак, давањето шанса на луѓето не е само морален чин, туку и мудра одлука.
автор: Хуго Мерсие