Повеќе од дваесет години го немав пуштено Балашевиќ. Во еден момент јасните слики од неговите песни почнаа да избледуваат, а нивното место да го заземаат некои поинакви, помалку наивни и шегобијни, чии стихови не се римуваат со „мазио-пазио“, и кои не ги пее, речиси како да ги изговара, човек со пивско стомаче и со раката в џеб.
Кога вчера слушнав дека умрел и се одважив да се катапултирам „напред“, каде дефинитивно беше поарно, иронијата ме удри силно, ко гром. Всушност цело време сум го слушала Балашевиќ, само преправен во Вејтс или Кеш. Децата од улицата Јован Цвииќ живеат на авенијата Кентаки: бјуикот на Еди има четири дупки од куршум на колата, Хилда игра стрип покер, а Џо Навински се колне дека ја залапал. „Јесте ли чули причу о Едварду?“ - во главата имал лик на девојка која го натерала да се обеси. Затвореник лежи полумртов крај шините и моли минувач да ја поздрави неговата Роуз. А момчето наречено Сју, во ритам на „Божа звани Пуб“, раскрстува со таткото, што му ставил женско име.
Оние за кои Балашевиќ бил и ќе остане oбичен „тамбураш“ пропуштаат да нурнат во едно време и во еден опус за кои, кога нештата ќе се сведат, има само една најбитна работа - што во нив нема цинизам. Да, има хумор, сатира, лесни метафори, праволиниски аналогии, предвидливи рими, но нема грам гнев и огорченост. Само меланхолична Д-мол констатација и оптимизам, лесен ко пеперутка, и тивок ко зимски оченаш.
Оваа кроткост на ликот и делото на Џоле сепак не значеше и пасивност. Тој е еден од ретките од регионот кој успеа да не се извалка во калта на национализмот и кој до крај се обидуваше да предупредува, додека примитивците ја собираа маста. „Не се тие виновни“, пак велеше, „ние сме, што им дозволивме“.
Ако и после сето ова има такви кои мислат дека Џоле и во музиката и во животот бил „фејкер“, документарец за неговиот хуманитарен концерт во Сараево во 1998, прв од „домашен“ музичар на тлото на разурнатото Сараево. Практично и првиот, неофицијален знак за реалното завршување на војната, кога во иста сала можат, без страв, да се соберат луѓе од цела Босна и наместо да се убиваат, да пејат. Иронично, но од снимките со млади луѓе кои фатени за раце речиси со шепот ја изговараат некогаш пророчката „Само да рата не буде“ зрачи многу подобра енергија отколку што ја има денес, и во Босна, и во регионот. Џоле замина, се уште надевајќи се на некои нови клинци, кои ќе наздравуваат под сенката на некогаш насадените липи. А некој од горе задоволно ќе гледа сè.
„Вака ми е мене. Постојат некои, како Џони, кои како млад те наведуваат да мислиш и потоа им остануваш трајно верен, без оглед што се одметнале од светот, и водат некоја своја, за тебе не до крај разбирлива борба. И ги има оние другите, на кои цел живот им бараш маани, чија слика на светот помалку и те нервира, правиш сè да им избегаш, и на нив и на нивните песни, но не даваат. Тие секогаш (и отсекогаш) се тука.“
Илина, Букбокс