Во текот на нашето истражување на најбизарните страници на Википедија (види претходно тука), наидовме на информација за сатирична награда воспоставена во 1975, под името „Златно руно“. Всушност, нејзиното име е двосмислено, бидејќи во англискиот јазик „флис“ може да биде навистина руно, но во форма на глагол истовремено означува добивање голема сума пари преку измама. Наградата ја воспоставил американскиот сенатор Вилијам Проксмаер, демократ од Висконсин, како форма на критика кон сите политичари и јавни службеници кои трошат народни пари за непотребни нешта, илити глупости.
Поради очигледно големата конкуренција, наградата била доделувана не годишно, туку месечно, од 1975-1988. Дел од наградените биле научни истражувања кои според сенаторот црпеле јавни пари за да се занимаваат со теми кои биле непродуктивни и генерално немале никаква реална примена. Така, Националната научна фондација го добила првото Златно руно за тоа што потрошила 84.000 долари на истражување на љубовта. Аргументот на Проксмајер бил: „Никој не може да тврди дека заљубувањето е наука - дури и да потрошат 84 милиони или 84 милијарди долари, тие нема да добијат релевантен одговор. Исто така сум против ова бидејќи не сакам да го знам одговорот. Верувам дека и 200 милиони други Американци сакаат некои нешта во животот да останат мистерија“.
Федералната авијациска администрација била одликувана поради тоа што потрошила повеќе од 57.000 долари на проучување на физичките мерки на 432 стујардеси, меѓу кои спаѓале „оддалеченоста од колено до колено додека се седи“.
Некои од наградените бурно реагирале бранејќи ги своите студии, а паднале дури и тужби. Но најсилната реакција сепак била воспоставување на контра-награда, Златна гуска, како признание кон научниците чие федерално финансирано основно истражување, кое во времето кога било спроведувано звучело „глупаво“ или „смешно“, довело до иновации или изуми кои подоцна имале значајно влијание врз човештвото и општеството. Создадена во 2012 од член на Конгресот, Џим Купер, таа се доделува на церемонија секоја есен на Капитол Хил во Вашингтон.
Наградени истражувања има од различни области, но заедничко за сите нив е што основниот опис (како и кај Иг Нобелот) најпрвин предизвикува насмевка, но долгорочно може да прерасне во воодушевување. Такво е истражувањето „Ламата Винтер“, женка лама која живее на истражувачка фарма близу Гент во Белгија, а денес е позната поради нејзината улога во дефинирањето на карактеристиките на вирусот SARS-CoV2 (или „короната“). Во 2016 двајца научници ја одбрале тогаш деветмесечната Винтер за во неа да инјектираат елементи од вирусот, надевајќи се дека таа ќе произведе антитела или помали нанотела во борба против нив. Кога во 2020 се појави Ковид-19 истите научници почнале да тестираат дали нанотелата изолирани од Винтер можат да бидат искористени во третманот или превенцијата на оваа болест. Одговорот бил позитивен, па оттаму тие заслужено ја добиле Златната гуска во 2020. Од 2021 ламата Винтер живее во уметнички и културен парк на уметникот Коен Ванмехелен во Белгија, каде луѓето можат да ја посетат и да научат нешто повеќе на оваа тема.
Помеѓу останатите наградени (целиот список тука) има такви кои ја покажуваат врската помеѓу третманот на глувци и масажа на деца; сексуалниот живот на одреден вид муви, како и тн. „манчмалоу тест“, кој ја истражува самоконтролата и човечкото однесување кога е во прашање одложената награда. На истражувачите-автори на последниов проект педесет години пред да ја добијат Златната гуска им било кажано да побараат финансии од фабрика за колачи, а не од државата. Но во 2015 нивните напори на ова поле се закитиле, ако ништо друго, тогаш со Златна гуска.