Веројатно ви се случило да помислите на некоја ваша постапка како на нечија туѓа, и да си речете „Ее ____ (тука вашето име), кога ти викав...“. И не само за каења и поуки, истиот метод на размислување за себе во трето лице може да ја обезбеди неопходната промена на перспективата, да се погледнете со туѓи очи и да забележите нешта кои инаку би ги пропуштиле.
Се вели дека ова бил омилен начин на размислување на Цезар. Терминот пак „илеизам“ (illeism) го смислил поетот Семјуел Тејлор Колериџ во 1809, од латинското ilee (тој, тоа). Голем број истражувања (од кој најновото во списанието PsyArxiv) покажуваат дека илеизмот е добра алатка за подобрување на процесот на донесување одлуки и регулирање на емоциите.
Еден од оние кои се занимаваат со темата е психологот Игор Грозман од Универзитетот Ватерло во Канада, кој работи на психологијата на мудроста. Терминот „мудрост“ до сега се сметал за премногу неодреден за научни истражувања, но тој покажал дека мудрото резонирање може да се мери, исто како и ај-кјуто. Таа, мудроста, според него освен логичко расудување треба да содржи и интелектуална понизност, земање предвид на позицијата на другите, прифаќање на елементот на неодреденост и несигурност, и капацитет за компромис. Гросман смета дека бројките кои се добиваат преку вакви тестови можат многу подобро да ја предвидат емоционалната благосостојба и други аспекти на животот на поединецот, што е поддршка на идејата дека мудроста, дефинирана преку овие квалитети, претставува специфична конструкција која одредува како се соочуваме со животните предизвици.
Но мудроста не е нешто дадено и фиксирано, туку на неа може да се работи. Негови експерименти покажале дека луѓето манифестираат поголема понизност и се поподготвени да земат предвид туѓи перспективи доколу се замолени да опишат проблеми во трето лице. На пример ако треба да се донесе одлука за промена на работното место, тогаш замената на „јас“ со кое и да е друго име на човек што треба да ја донесе таа одлука може многу да помогне во барем привремена емоционална дистанца од „јас“ и пообјективно расудување за ситуацијата. И иако истражувањето вклучувало краткотрајни интервенции, ваквиот начин на размислување, доколку се применува постојано, може да резултира со поголем степен на мудрост генерално.
автор: Дејвид Робсон
(автор на „Стапицата на интелигенцијата: зошто умни луѓе прават глупи нешта и како да се носат помудри одлуки“ (2019)