За да опстане човекот морал прво да се припитоми самиот себе

Ричард Врангам се смета за еден од водечките истражувачи на човечката еволуција. Темата на неговата нова книга, која излезе денес, 29.1, е стара но сè уште актуелна - како да се разбере симултаното постоење на сурова агресивност и кооперативно однесување кај луѓето.

„Парадоксот на добрината: необичната врска помеѓу доблеста и насилството во човечката еволуција“ е трета книга на Врангам, професор по биолошка антропологија на Харвард. Познат по својата долгогодишна теренска работа, особено со шимпанзата во националниот парк Кибале во Уганда, тој во претходните книги ги користеше резултатите од овие истражувања за да исцрта еден морничав портрет на човекот (особено на неговата машка верзија), како инхерентно насилен поради сопственото еволутивно наследство. Нешто како она на Хобс - човек на човека му е...човек.

Но по децении фокусирање главно на мрачната страна на човечката природа, тој собрал доволно докази и за спротивното - за тоа дека уште од раната фаза на својот развој човекот е најкооперативниот вид помеѓу приматите. Стави ги мајмуните и луѓето во ситуации кои бараат соработка помеѓу двајца за постигнување на некоја цел, и тие ќе соработуваат подеднакво добро. Всушност човечките деца ќе го прават тоа дури и подобро од мајмуните. Според Врангам, соработката, заедно со интелигенцијата и социјалното учење е клучен елемент за нашето создавање и успех како вид. А ако од неа зависи еволутивниот успех, тоа значи дека сите екстреми во насока на насилство и деструкција мора да бидат канализирани или отстранети.

Оттаму и терминот „синдром на припитомувањето“ кој до сега важеше за животни кои човекот вештачки ги селектирал затоа што такви, припитомени, му вршеле некаква работа. Сега Врангам него го шири и на луѓето, кои преживеале затоа што биле покротки и поподготвени на соработка, особено кога требало колективно да се удри по дежурниот насилник во групата. Нешто како преку подоцнежната смртна казна за големи кривични дела, заедницата како истовремен судија и извршител ги елиминирала најагресивните во своите редови, по кратка постапка.

Така, во тек на последните 250 милиони години, човештвото станало истовремено еден од најмирољубивите животински видови, кој (парадоксално) во секој момент може да испланира и да изврши невидени злосторства и против другите луѓе, и против живиот свет воопшто. Следејќи ја еволутивната историја на реактивната и проактивната агресија (онаа во одбрана, и онаа за напад), Врангам ја промовира неопходноста на општествена толеранција и контрола на дивеењето. Затоа што соработката може да се однесува и на машинеријата на масовни убиства, какви во човечката историја имало и не толку одамна.

29 јануари 2019 - 18:04