Вечерта на 1 јули 1999 австралискиот музичар и еден од најблиските соработници на Ник Кејв, Ворен Елис, гледал како Нина Симон излегува на сцената на Ројал Фестивал Хол во Лондон. Публиката станала на нозе аплаудирајќи, а таа само ги набљудувала со крената тупаница, како да се подготвува за битка. Елис забележал еден необичен детал - таа притоа џвакала мастика - „мал чин на отпор симболичен за нејзиниот фак-ју став“. 66-годишната ѕвезда полека се приближила кон пијаното, ја извадила мастиката од уста и ја залепила на крпа врз Стенвејот. Потоа почнала изведба која Елис ја опишува како „трансформативна“, еден од ретките настани после кој никој не заминува од концерт ист онаков каков што дошол.
Излегло дека тоа бил нејзиниот последен настап во Лондон. Ник Кејв, кој бил куратор на фестивалот Мелтдаун во чии рамки настапила Нина, се уште доаѓал на себе од возбудата на она што го посведочил, кога забележал позната фигура на сцената. Ворен како опседнат тргнал накај пијаното и - ја украл крпата.
Токму со овој негов спомен почнува воведот на книгата „Мастиката на Нина Симон“ која ќе биде објавена од Фабер во септември. Во неа Елис го опишува необичното патување на тој артефакт со, за него, религиско значење. Тоа станува метафора за неговата креативност, неговите страсти и суеверија.
Класично образован виолинист и мутли-инструменталист Елис е член на бендот на Кејв, Бед Сидс, уште од средината на 1990-тите, а неговото трансформативно влијание врз звукот на Кејв, особено на последните два албума, е огромно. Заедно имаат направено и музика за десетина фимови, а неодамна го завршиле саундтракот за долго очекуваниот „Блонд“, филмот за Мерлин Монро, на нивниот пријател Ендрју Доминик кој го снимаше „Уште еднаш со чувство“ од 2016, документарецот за правењето на албумот Sceleton Tree на Кејв.
Во книгата Елис се сеќава дека ја донел мастиката дома и не знаел баш што да прави со неа. Никому не му ја покажал во најтесниот круг, до изложбата која на почетокот на оваа година се одржа во Копенхаген, посветена на кариерата на Ник Кејв. Уметницата Хана Апричард ја излеала мастиката во сребро и има изработено парче накит во истата форма за блиските пријатели на Елис. Истовремено, белгиската модна дизајнерка Ан Демеулеместер произведе прстен инспириран од мастиката а нејзината скулптура на истата тема ќе биде наскоро изложена на Пикадили, како дел од промоцијата на книгата. Таа ќе биде во величина на стегната тупаница.
„Ми се допаѓа перверзноста на сето тоа, дека мастика стана нешто речиси свето и духовно, иако на крајот на краиштата тоа е само мастика. Тоа покажува дека може да се вложиш во нешто инспирирано од најглупава работа“, вели Елис.
Книгата е можност да се ѕирне во светогледот на Елис, кој генерално важи за прилично затворен и мистичен. Во неа има фотографии, дискусии за теми како пријателство, семејство, соработка, духовност и суеверие. Тоа е некој вид мемоар, иако прилично фрагментиран.
Елис наскоро ќе направи нешто кое нема голема врска со музиката - ќе го отвори Елис Парк, засолниште на диви животни на Суматра, за мечки и мајмуни кои не можат да бидат пуштени во дивина поради повреди кои им ги нанеле луѓето. Работејќи со активисти таму, тој го купил земјиштето за паркот и го донирал на организација која се занимава со заштита на животни. Идејата се родила кога тој налетал на жена во Мелбурн која некогаш била менаџерка на неговиот бенд Дрти Три, и бил импресиониран од нејзиниот активизам. Првата идеја и била да направат масло за брада со лицето на Елис на шишето, а парите да одат за орангутаните. Сега Елис сака да направи и голема камена реплика на мастиката и да ја стави среде водата во паркот, за мечките и мајмуните да можат да играат со неа.